4.2 Грција: Македонското прашање во рамки на современата општествена реалност

Во овој дел ќе се осврнеме на врските помеѓу политичката состојба во Грција и истовремениот подем на грчкиот национализам. Освен на врската со така нареченото „Македонско прашање“ тука ќе се задржиме и на останатите аспекти на грчкиот национализам. Најпрво, би сакале да истакнеме дека призмата на социјален отпор не е доволна за објаснување на државните политики. Државната стратегија се образува преку комплексна мрежа на внатре-државни релации на моќ и треба да се земе предвид целото политичко сценарио кое се обликува како на Балканот така и на европско-глобално ниво. Како и да е, ако ги земеме предвид специфичните услови во кои се развива социјалниот отпор на почетокот на 90-тите, можеме да си претставиме задоволителна слика за начинот на кој грчката држава се справуваше со „Македонското прашање“.

Крајот на 80-тите и почетокот на 90-тите, во Грција, беа обележани со раст на општествени конфликти, конфликти кои следеа по периодот на општествен консензус од 80-тите и се закануваа да предизвикаат општи немири. Ученици ги окупираа своите училишта веќе подолго време, динамички штрајкови и окупации на работните места60 се дел од случувањата на почетокот на 90-тите. Соочени со заканата од општествени немири, северната „национална опасност“ дојде како првокласно директно решение за државните структури. Преку добро оркестирани апокалиптични преноси на вести – кои наидоа на желни слушатели кај мнозинството од грчкото општество, општество кое за жал е „чувствително“ околу националните прашања – грчкото национално единство најде цврсто тло на кое може да се исправи. За кус временски период грчкото општество беше убеденo во важноста на „Mакедонското прашање“ и наместо да се оди на улиците за да се заостри социјалниот отпор, дојде до тоа да се наполнат градовите со бели и сини знамиња и сонца на Вергина.

Во периодот 1991-1992 грчкото општество беше зафатено од фанатизам поради опасноста од „Скопјаните“ и излезе масовно на улиците за да ја прогласи грчкоста на Македонија. Но, државната политика беше далеку од скромна и воздржана. Целиот државен механизам, заедно со црквата и сите видови на институционализирани власти, беше мобилизиран за доброто на „националното будење“. Медиумите го бомбардираа општеството со националистички восклици, училиштата ги носеа своите ученици на митинзи построени како за на училишна парада, црквата го направи истото со својата публика, интелектуалците на системот потрошија тони мастило со цел одново да ја напишат историјата, археолозите изнесоа на виделина неспорни докази дека „Букефал не е Застава“, а слоганот „не прифаќаме мајмуни“ кој се однесуваше на „лажната држава“ Република Македонија стана популарен. Оние кои се обидоа да зборуваат за ова прашање на алтернативен начин беа обвинети дека се национални предавници и беа маргинализирани. Сите политички сили беа сплотени заедно со заедничката национална кауза, додека левицата61 или беше нема и нерешителна, или наоѓаше прибежиште во анти-американизмот, или се затвораше во виновничка тишина.

Нo, општествениот консензус не можеше да се изгради само околу македонското прашање. Националистичкиот фанатизам не може вечно да се одржува. Од една страна, регулирањето на општествените односи беше постигнато со девалвација и експлоатација на миграциските бранови во 90-тите (главно од Албанија и од поранешните СССР земји) кои доаѓаа во Грција, надополнети со избувнувањето на потрошувачките култура и начин на живот. Од друга страна, македонското прашање беше добра можност за државата да се соочи и/или привремено да ја запре социјалниот отпор.

Што се однесува до имигрантското прашање: во почетокот на 90-тите години имаше промена на парадигмата за грчката општествена структура. Основните аспекти на оваа промена беа проширувањето на капиталот на балканските пазари и масовниот прилив на имигранти (две лица на една паричка), и од друга страна, промоција на реформаторски мерки во секој дел од општествениот живот. Обезвреднувањето на животот на имигрантите е (и сè уште е) основен услов за нивната функција како ефтина работна сила. Оваа еволуција се случи во едно време, кога, како што веќе рековме, општествените движења почнаа да се развиваат и профитот од капиталот се намалуваше. Надоаѓачкиот расизам, начинот на живот и националистичкиот делириум во врска со „македонското прашање“ помогнаа да се прикријат општествените поделби и отпор. Сите општествени ќорсокаци на грчката општествена структура, сите симболи на стравови и очекувањата на „секогаш-обесправените стари добри грчки патриоти, кои сакаат да бидат дел од новата моќна Грција“ се отелотворија во ликот на имигрантот62.

 За време на првите години, експлоатацијата на имигрантите беше неофицијална и брутална во својот облик, особено во земјоделството, градежништвото и сектори на секс-индустријата. Потоа, имаме смена кон „логичко управување“ со имигрантите од страна на државата. Јавните дебати во врска со овој феномен започнаа со користење на клучни зборови како „асимилација“, „антирасизам“ и „социјална чувствителност“, но, не во корист на еден полиберален и хуманистички пристап, туку за промовирање на интересите на грчката економија. Тоа што навистина секогаш е важно е профитабилноста на капиталот. Ова е интересот според кој, која било легализација се одвива, интересот кој одговара на „потребите на пазарот на труд“ и дава научен одговор на прашањето „колку имигранти ни требаат и каде“.

На почетокот на 2000-тите во Грција започна да се развива нова социјална мобилност. Мобилизација против пензиската реформа и студентското окупациско движење сигнализираше дека нешто ново се издига на површината, заедно со анти-глобализациското и анти-военото движење, но, без општа оптествена експлозија на повидок. Од една страна, овие движења се чини не прикажаа целосно оспорување на системот, туку еден нов вид на радикализација. Од друга страна, она што може да се каже за овој период е тоа што оваа двосмислена еволуција на социјален отпор диктираше воздржан став од страна на грчката држава што се однесува на Македонското прашање. Ова беше поддржано од страна на „растот“ на грчкиот економски индекс, со што се разви едно лажно чувство на супериорност над соседните земји. Овој „лажен раст“ е резултат на либерализацијата на пазарите (приватизација на јавните претпријатија), експлоатација на имигрантите, експанзија на банкарскиот систем (евтини кредити), проширување на грчкиот капитал во најголем дел на Балканот, приливи на капитал од страна на ЕУ фондовите и приватни капитални мобилности во рамките на ЕУ. Мобилизација како во 1991-92та год. не најде соодветен терен, а можеби не беше ни неопходна. Државата не ги мобилизираше своите механизми како што тоа го правеше во минатото, но можеме да кажеме дека ја чуваше силата очекувајќи го развојот на настаните.

Во почетокот на 2000-тите, Грција со постигнувањето на статус кво на „голема балканска држава“, го вовлече општество (особено ситните буржуи) во илузијата на „моќна Грција“. Врвот на оваа „модерна и моќна грчка фантазмагорија“, беше на Олимписките игри од 2004 год., кои беа платени претежно од страна на многу имигрантска крв63. „Грчката супериорност“ во комбинација со грчкото „Евро 2004“ и евровизискиот успех, поттикна форма на национализам кој може да се дефинира како „раширен социјален фашизам“, што целосно се изрази во септември 2004-тата64 година. Порафинирано патриотско-националистичката тенденција доби темели во општеството штом економскиот меур почна да попушта. Порастот на невработеноста, дерегулацијата на пазарот на трудот и знаците на претстојните кризи, даде добра причина за имигрантите да се стават во официјална заложничка ситуација со цел да се управува со нивното движењето на нивната работна сила во однос на репродукција на капиталистичкиот систем. Исто така, она во што се успеа е да се контролира локалното население преку генерализирање на стравот од „странците“ кои ги „крадат нашите работни места, силувааат и убиваат“. Она што всушност се случува е, дека конзервативните делови на општеството поттикнуваат фашистички практики, кои во принцип, одат заедно со интересот на газдите кои сакаат имигрантите да се постојано дисциплинирани и обезвреднети.

Оваа патриотско-националистичка социјална тенденција го прослави ветото кое грчката држава го наметна со барањето за членство на Р. Македонија во НАТО, како еден чин на моќ и скалило погоре до клубот на моќните. Сепак, грчкиот сон веќе беше претворен во кошмар за мнозинството од народот. Тоа е време кога политичкиот амбиент целосно се менува. Сведоци сме на мерки на штедење, на новиот меморандум, масовни демонстрации и коалиции со полицијата во многу градски плоштади. Заедно со сето ова, по 2009-та година се дојде до интензивирање на фашистичкиот прогон што води до обид за општествено воспоставување на својот менталитет во населбите со помош на полицијата која прави упади и тортури на имигранти, итн. Имаше обид од страна на фашистичка „граѓанска група“ формирана од страна на екстремната десница, расисти и нацисти, со полицијата која го има оловото, да се воведе клима на апартхејд на плоштадот Агиос Пантелеимонас. Да резимираме, она што ние го гледаме е дека расистите и државата се обидуваат вештачки да се создаде поле на расистичка бруталност и полициска окупација.

Да заклучиме, национализмот, ксенофобијата и расизмот се константни елементи на грчкото општество во овој период. Нацинализмот храни и останува доминантна идеологија. За време на последните дваесет години, грчките ситни буржуи од другата страна на Македонската граница (и останатите балкански комшиски држави) најдоа шопинг „рај“, коцкарски можности, ефтин секс и изобилство на други задоволства преку кои на најбрутален и циничен начин тие ја афирмираа својата национална супериорност. Тие со себе не го носеа само стариот комплекс на инфериорност во однос на Грција, туку и националниот реваншизам кон „скопјаните кои сакаат да се викаат Македонци“. Нашите очекувања, стравови, надежи и соништа за развивањето на македонското прашање, останува отворено прашање за дебата.

 


 

60 Особено се однесува на штрајковите во јавниот автобуски превоз и штрајковите во фабриките за облека во Пеираики, Патраики и рудниците на Мандоуди. Назад

61 Освен анархистичките/антиавторитарните групи и мали делови од радикалната екстра-парламентарна левица, немаше јасни антинационалистичко-интернационалистичко изразени ставови. Официјалната левица одлучи да не се соочи со националистичкото јадро, плашејќи се да не бидe маргинализиранa. Левото крило на анти-империјалистите се натпреваруваше со десно-ориентираните националисти за тоа „кој е вистинскиот патриот“! Назад

62 Криминализацијата на албанските имигранти од страна на медиумите за масовна комуникација во одредено време, јасно посочува на напорот за постигнување на општествена контрола. Назад

63 За време на изградбата на олимписките објекти повеќе од 10 имигрантски работници починаа при „работни несреќи“. Назад

64 Во тој период се одржа општ прогон против Албанците во целиот грчки регион како резултат на поразот на грчкиот национален фудбалски тим од албанскиот. Назад

 

Назад кон поднасловите

Почеток на страната

 

Permanent link to this article: https://ajde.espivblogs.net/2012/10/07/4-2-greece-the-macedonian-issue-in-the-framework-of-contemporary-social-reality/?lang=mk

Напишете коментар

Your email address will not be published.