Заклучок

Од сето досега кажано, читателот лесно може да сфати дека ако сме прашале жители на Скопје, Прилеп и Битола во 1812 година (на јазикот разбирлив за тоа население) дали би сакале да живеат заедно на територија на денешна Република Македонија, како одвоена единица и под специфични културни и политички услови, затоа што сите се Македонци, би нè сметале за луди. Истиот впечаток би го имале и жителите на Костур, Воден и Солун, ако сме им го поставеле истото прашање дали се Грци и дали би живееле во Грчка држава. Ако го поставиме истото прашање денес, по два века војни, етнички чистења и неуморна лингвистичка и културна интеграција од страна на државниот апарат, мнозинството жители од овие градови ќе ни одговори (на македонски) „да” и (на грчки) „nai”.

Национализмот како идеологија може да се појави во повеќе форми. Низ историјата некојпат бил претставуван како прогресивна и ослободувачка сила, друг пат како нерационална и реакционерна доктрина, демократски или деспотски, лев или десен, па поради тоа подобро да се третира како серија национализми. Но, како и да е, сите тие во својата суштина ја имаат централната политичка улога на нацијата. Создавањето национална држава претставува најделотворна форма на контрола врз угнетените преку политика на асимилација или преку политика на правна репресија на нивните барања. Државната администрација им дава можност на елитите да ја одржуваат контролата употребувајќи во најголема мера закони, а во нешто помала принуда, а процесот го прави уште поатрактивен со патриотски и синдикалистички ордени.

Појавувањето на овој феномен привично е врзано со потребите на буржуазијата во зародиш и на развојот на капитализмот, а дури потоа современата држава и нејзините идеолошки механизми имаат задача да изградат национален идентитет. Националните идентитети се формираат преку збир на суштински елементи или предодредени карактеристики со разлчна важност, кои нудат конкретни привилегии, права и обврски за секој национален државјанин. Во истовреме свесно и официјално се гради поимот „другиот”. Социјалната димензија на „другството” се користи за легитимизирање најразлични форми на дискриминација, угнетување и употреба на сила против внатрешни и надворешни непријатели.

Како и денес, така и во историскиот период што го разгледавме, националистичката идеологија се користела како издувен вентил за социјалната нееднаквост, сиромаштијата и немаштијата. Иридентизмот и воопшто национализмот со неговите повикувања на продолжување и величественост на нацијата, се главната одлика на идеологијата на Балканските држави на која наидовме. Продолжувањето на нацијата не е едноставна констатација, туку независна вредност. Главно, ова продолжување го потенцира продолжувањето на разликите со другиот, кој и да е тој друг. Вакви разлики се појавуваат во современиот спор меѓу Грција и Република Македонија околу прашањето за името.

Целта во второто глава не ни беше да го откриеме вистинското или автентичното потекло на името Македонија и на нејзиниот народ. Во секој случај, постојаните промени на географското подрачје, проширувањата и скусувањата и бројот на население под ова име, таквата перспектива ја прави невозможна. Покрај тоа, во одредени периоди се појавуваат различни географски и историски традиции врзани со името Македонија. Двете главни денес се расправаат околу авторските права за ова име. Но оваа нејасна рамка одигра суштинска улога во изградбата и на грчката и на македонската нација. Таа беше суровината од која се градеше митот за историско продолжување, а во исто време името беше национален симбол.

Сè она што повикува на минатото, вистинско или конструирано може да се употреби како национален симбол. Такви симболи се Сонцето од Вергина и Александар III, анализирани во третата глава. Употребата на националните симболи, од една страна, ги преобразува сложените прашања во едноставни толкувања, а тоа се одвива со помош на националниот мит. На тој начин во главата на читателот симболот се појавува како совршено природен, како нешто дадено. Од друга страна, субјектот се препознава самиот себеси во рамката на националниот симбол кој го прифаќа. Освен тоа, националните прослави имаат карактер на политичка пропаганда, спроведени преку симболи и слики, а насочени кон чувства. Сето ова служи како алатка за општествена кохезија и политичка легитимност. Од таа причина, властите инвестираат во великодушни прослави, како онаа за 100 годишнината од ослободувањето на Солун.

Последниве дваесет години национализмот совршено одеше рака под рака со неолибералната економија. Сликата за моќната Грција ја придружуваше извозот на капитал во Балканските држави, експанзијата на банките и создавањето простори за нови профитабилни инвестиции. Во периодот 1991-92 година, националистичките изливи тежнееја кон потиснување на мноштвото интензивни социјални конфликти во Грција. Во Република Македонија неолиберализмот е „суштинскиот составен дел” на современиот македонски идентитет, бидејќи секакво повикување на алтернативни економски системи конкурентни на системите на пазарна економија посочува на „темното минато” на југословенската економија. Па така и влошувањето на македонскиот национализам се чини пропорционално со приоритетите кои ги поставуваше македонската држава во врска со движењата на грчкиот и македонскиот капитал. Истовремено, во рамките на државата, национализмот служи како механизам за управување со работната сила, какво што е обезвреднувањето на имигрантите и нивното ставање во заложничка ситуација со што се пушта во оптек локален капитал и се одложува кризата, како што се случи во првата декада на 21 век во Грција. Во Република Македонија, пак, либерализацијата на работниот однос, приватизацијата, укинувањето на социјалната држава и осиромашувањето на најзиниот народ се прикриваа под превезот на национализмот и дебатата за уставното име на земјата.

Во периодот кога се пишуваше оваа книга (2011-2012 година) ширењето на националистичките, расистичките и фашистичките стремежи, во сè поголеми делови од грчкото и македонското општество, е без преседан. Иако набројувањето на овие појави ја надминува целта на нашата работа, сметаме дека е нужно да наведеме неколку општи точки.

Во денешни услови поимот нација сè уште се користи во градењето политички дискурс и во оправдувањето на неговата легитимност. Во рамки на капиталистичка криза, патриотските аргументи, од една страна се спротиставуваат на „политичарите предавници” и на „меѓународните економски интереси” додека, од друга страна ја нагласуваат „љубовта кон сопствената држава” и „напредокот на народот”, позитивно одговарајќи на мерките за штедење кои целат кон обезвреднување на нашите животи. На тој начин, кризата се претставува како резултат на меѓудржавно ривалство, а не како производ на капиталистичките односи. Патриотизмот-национализмот, понатаму, ги создава и неизбежните национални коалиции и сојузи кои водат кон интегрирање на сè поголем број експлоатирани, унапредувајќи го на овој начин здравото функционирање на капиталот. Не се залажуваме дека денешната патриотска реторика е длабоко навлезена во самата срцевина на политичкиот систем – како кај десницата, така и кај левицата – сплотувајќи ги експлоататорите и експлоатираните во заедничка „прегратка” и така односите на експлоатација остануваат зачувани.

За жал, последниве години, национализмот не се произведува единствено од официјалните институции туку и одоздола. Во несигурноста на нашето време, има многу луѓе кои одлучуваат да се приклучат кон националното јадро, едноставно пренебрегнувајќи го сето она што се случува околу нив. Други, пак, усвојуваат фашистички практики и активно учествуваат во капиталистички бруталности, прогонувајќи имигранти и помагајќи да се воспостават расистички гета. Имигрантите и другите маргинализирани групи (Роми, хомосексуалци итн.) станаа жртвено јагне, гонето од една страна од полицијата, а од друга страна од локалните заедници во селата, маалата и градовите.

Патриотизмите не се ништо повеќе отколку пречка на патот кон социјално ослободување. Нудат лажни дилеми кои го ублажуваат потенцијалот на развивањето на социјалниот отпор. Од наша страна, ние предлагаме преку овој мал труд, унапредување на интернационалистичката комуникација која придонесува за разлагање на национализмот и споделување на нашите секојдневни борби преку границите и преку сите национални (и не само) поделби кои нè прават поосамени и послаби. За нас, националните ривалитети секогаш ги деградираат класните прашања како второстепени прашања. За нас, кои не сакаме да се вклопиме во националните идентитети, дилемите врзани со имиња се безначајни. За нас, непријателот не е само грчкиот или македонскиот национализам, туку мрежата од општествени односи кои се базираат на експлоатација и масовно осиромашување на човечкиот живот, секаде онаму каде ги има. За нас, не постои „ние” и „другите”, постои правда и неправда. А правдата не може да се основа на никакви национални белези, туку може да биде само резултат на борбата за слобода и достоинство.

 

Permanent link to this article: https://ajde.espivblogs.net/conclusions/?lang=mk

Напишете коментар

Your email address will not be published.