2. Глава два – Историјата на едно име

Поднаслови

Зошто би ја барале историјата на името на некој регион? Навистина е важно уште на самиот почеток да истакнеме дека целта на оваа дискусија е чиста спротивност на целта што вообичаено ја имаат научните трудови или популарните прегледи на историската географија. Во традиционалните, етноцентрични историски наративи акцентот вообичаено се става на прикажување на континуитетот или автентичноста на одредени топоними или етноними, на лоцирање на денешниот предмет во минатото. Во овој случај, целта е да се истакне комплементарниот аспект на дисконтинуитет и промена во географските номенклатури на минатото. Поентата е да се демонстрира дека имињата со кои се здобиле современите нации и национални држави ниту биле однапред дадени и директно пренесувани од праисториски времиња ниту пак произлегле од ништо со доаѓањето на модерната индустриска ера. Како што заклучиле општествените теоретичари пред неколку декади, обете претходно споменати екстремни гледишта се лошо поставени27. Секако е вистина дека современите географски имиња влечат корени од претходната географска традиција и иако за многу луѓе денес имињата на градовите, регионите или заедниците вообичаено не се менуваат или барем се постојани подолги временски периоди, во минатото имало многу именувања и преименувања, а понекогаш истовремено постоеле и различни географски традиции. Современата географска терминологија, без разлика дали се однесувана места, региони или заедници, неизбежно има корен од некоја претходна географска традиција. Современите географски имиња се едноставно изведени од некоја од веќе постоечките традиции, без начин да се одлучи кое е поточно или пооправдано. Ова го одлучуваат тековните интереси и констелации, за што сликовит пример се случаите каде модерната национална држава во зародиш се бори да го избере своето име, обидувајќи се да се дистанцира од или доближи до историски предмети. Но не треба да се заборави и дека географските имиња не секогаш произлегуваат од историските архиви; всушност, при колонизација на нови земји или радикални општествени промени честопати доаѓа до радикални прекини со постоечките географски традиции. И регионите и луѓето честопати биле именувани со или без цел, наспроти постоечките традиции. На тој начин се создаваат дивергентни географски традиции, со што се овозможува постоењето на историјата на географските имиња.

Доста често имињата се едноставно прашање на практичност. Повторно, сè зависи од конкретниот случај и тековните околности. Сепак, доста е безбедно да тврдиме дека, кога веќе имаме работа со имиња на историски региони или стари племенски имиња, современото географско име, без разлика дали е изведено или директно дадено, неминовно ќе ги пренесува и поврзаните историски конотации. Така, имињата честопати добиваат важна улога во процесот на формирање на модерната нација; тие ги поврзуваат денешните национални држави или региони со историски субјект, полагајќи право на бројно наследство како културно или историско наследство, ресурси и територија. Во овој дел од светот, модерните политички или регионални субјекти ги конструираат нивните идентитети користејќи го примарно историскиот материјал. Очигледно, тука името е есенцијален елемент. Националистичката идеологија, вклучително националната историја, го има уверено населението дека тие едноставно се модерни потомци на група или групи луѓе, без оглед на вековите и милениумите демографски промени, внатрешни поделби и поместувања на идентитетот. Националната концепција нема проблем да ja поддржува идејата за континуитетот на еден народ, дури и во случаи каде имињата и идентитетите се промениле низ вековите. Ова е поради тоа што нацијата, во суштина, е теолошки концепт; нациите постојат уште пред да се родат.

Случајот со името Македонија веќе е класика во антрополошките студии во областа на современите национални идентитети. Иако е далеку од типичен за остатокот на светот, добро ја илустрира улогата на историските симболи во дефинирањето на националните идентитети. Фокусот на оваа дискусија ќе биде единствено историјата на името, неговите територијални ширења и собирања и неговите трансформации од етноним, име на класа, во име на регион и повторно во име на народ. Се надевам и дека ќе допреме до дивергентните географски традиции кои довеле до денешниот националистички спор меѓу двете балкански држави. Треба да се истакне дека ова е само краток историски осврт, првично наменет за пошироката јавност, а не исцрпна студија за историската географија на регионот. Последното, секако, би барало години историски истражувања, што би вродиле со далеку пообемен труд.

 


 

27 B. Anderson, Imagined Communities: Reflections on the origin and spread of nationalism, London 1983, E. Gellner, Nations and Nationalism: New perspectives on the past, 1983. Назад

 

Почеток на страната

[wptabposts mode=”horizontal” effect=”fade” number=”5″ cat=”265496″]

 

Permanent link to this article: https://ajde.espivblogs.net/2-the-history-of-a-name/?lang=mk