Поимите нација и национализам се разгледувани преку различни приоди, различни дисциплини и со различни методи за анализа. Во последниве декади се јавија голем број студии со фокус врз конкретни нации, држави и региони, осoбeно на Балканскиот Полуостров. Целта на оваа книга не е толку одново да се поминат и евентуално да се прошират патиштата на научното истражување и доминантната историографија, колку да се прикаже еден алтернативен приод и, најмногу, политички став. Овој политички став на неколкумина другари од Солун и од Скопје во врска со македонското прашање и со поимите нација и национализам. Овој став е непосредно поврзан со нашите политички убедувања и нашето критичко гледиште за поимите нација и национализам.
Новината на книгата што ја имате во рака лежи во фактот дека таа претставува заедничка работа на група другари од обете страни на границата. Двојазичноста на нашите мисли во единствена книга ја симболизира силата на заедничкото спротивставување на заедничкиот непријател: национализмот, каде и да е присутен. На некој начин, тоа претставува наш мал обид за зацелување на историските рани отворени од страна на националните сегрегации и границите. На нашите средби допревме нешта кои до тој момент ни беа непознати, а преку искажување на нашите искуства се доближивме до заедничките елементи кои нè обединуваат, без разлика на која страна од границата сме се родиле и кој јазик сме научиле да го зборуваме во детството.
Во првата глава се обидуваме да направиме анализа на поимите нација и национализам преку кратко изложување на балканската историја од почетокот на 19-тиот до почетокот на 20-тиот век. Национализмот е модерна идеологија според која „припадноста” кон нација е нешто „природно”. Членовите на нацијата се поврзани преку еден вид татковство без потреба воопшто да се сретнат еден со друг. Преку солидарност која ги надминува границите на поимот за класна поделба во општеството и ги пренебрегнува нееднаквоста и капиталистичката експлоатација, членовите на нацијата се самоопределуваат како големо семејство. Но оваа приказна го прикрива жестокиот судир на интереси помеѓу освојувачите и освоените, капиталистите и работниците, владеачите и владеените, луѓе со различна етничка, расна и родова припадност. Нашето историско патување започнува со кус преглед на мултинационалната Османлиска Империја, со посебен осврт на револуциите во Србија (1804 год.) и во Грција (1821 год.). Следи критичка анализа на нацијата и национализмот со упатување на бугарската етногенеза. На крајот главата завршува со прикажување на македонското прашање. Процесот на градење нација и неговата конечна цел -создавање национална држава – се во голема мера проект на локалната буржоазија, на опортунистичките трговци и земјопоседници, а не проект на обичните луѓе. Како и речиси секаде во светот, овие процеси беа пропратени со развојот на капиталистичките односи во економијата и со бавната индустријализација на балканските земји.
Во втората глава ја разгледуваме историјата на името Македонија. Додека во доминантните етноцентрични историски наративи акцентот најчесто е ставен на докажување на автентичноста на одредени топоними или етноними и на нивниот историски континуитет низ времето, во оваа глава се подвлекува аспектот на дисконтинуитет преку промените на географските називи низ времето. Овие промени укажуваат дека името Македонија не е нужно идентично за еден народ и една територија, туку низ вековите се здобива со различни значења, како етнички, така и географски. Конечно, тоа укажува на две различни географски традиции на името Македонија, кои го потпалија сегашниот националистички конфликт помеѓу Република Македонија и Грција.
Во третата глава се обидуваме да направиме деконструкција на националните симболи и митови, алатките што се користат од страна на национализмот за да се изобличат значењата и да се дадат нови толкувања на работите и на поимите. Мотивите зад именувањето на Сонцето од Вергина – античко-македонски симбол и Гробницата II во Вергина – гробница на таткото на Александар, може многу лесно да ги согледа секој човек со основни информации и малку здрав разум. Особено се осврнавме на начинот на кој се гради денешната слика за Александар, со цел да се стимулираат национални чувства, додека ние се обидовме да ја деконструираме неговата историската фигура. Секако дека не го изоставаме придонесот на образовниот систем, интелектуалците, уметниците и медиумите во производството, репродукцијата и одржувањето на овие национални симболи и митови.
Во четвртата глава се обидуваме да ги поврземе економските, општествените и политичките развојни текови со ширењето на национализмот во Република Македонија и Грција во последниве две декади. Ги опишавме начините на кои државата, рака под рака со останатите јавни институции (медиуми, училишта, црква, итн.), систематски го култивира националниот мит, поттикнува националистичко лудило, го доведува во заблуда јавното мислење префрлувајќи ја одговорноста за социјалните проблеми врз „другите“, ја намалува тензијата од социјалните конфликти и успева да го ублажи социјалниот активизам. Истовремено ги потенцираме силните тенденции на делови од општеството за приклучување кон националниот идеал. Ширењето на национализмот во обете земји не предизвикува проблеми за домашниот и за меѓународниот капитал. Баш напротив, оди рака под рака со развојот на капитализмот и обезбедува сè повеќе можности за оние кои „знаат да водат бизнис“ (грчки инвестиции на Балканот, сојузништва на буржоазиите, искористување на ембаргото за економски интереси преку нелегална трговија). Згора на тоа, национализмот ги создава неопходните општествени сојузи, подготвувајќи го теренот за напредок на развојот на капитализмот. Овој процес е дел од капиталистичкиот варваризам и промовира деградација на животите на секој оној што е експлоатиран, а најповеќе на имигрантите и другите маргинализирани заедници (Роми, хомосексуалци итн.) кои се најслабата алка.
На крајот вклучивме прилог кој се однесува на анархистичката група Гемиџии, и поконкретно на нивното минато, акции, како и на нивните мотиви и политички ставови кои доведуваат до нападите во Солун. Во овој случај се обидуваме да го деконструираме симболот што се создава денес во Република Македонија, со кој членовите на групата Гемиџии се претставени како национални херои.
За крај мислиме дека треба да им се заблагодариме на сите оние кои на каков било начин придонесоа за составување на оваа книга. Нивната помош навистина беше повеќе од драгоцена. Се надеваме дека книгава ќе биде суштинска алатка за секој самоорганизиран образовен обид на социјалните активисти, како и поле за плодни дискусии и спротиставувања.
Коментари
Целта на овој блог е да претставува место за плодна дискусија околу концептите нација и национализам. Важно е секој кој сака да учествува во дијалогот да го искаже своето лично мислење следејќи ги тематските категории формирани на блогот. Затоа, сите коментари кои не одговараат на категориите или пак се со навредлива содржина не се соодветни за целите на овој блог. Поради интернационалниот карактер на проектот, ве молиме да вклучите англиски превод на вашите коментари, доколку истото е возможно. Може да испраќате текстови во форма на коментари во овој модул.