Во мугрите на 19-тиот век Балканот е главно дел од Османлиската Империја1. Мултинационална и мултикултурна империја во која живеат повеќе од 30 денешни националности или етнички групи со богата јазична, религиска и културна разноликост која тешко може да се измери според современите критериуми. Се проценува дека од аспект на културната и јазичната сфера, до крајот на 18тиот век Балканот станал турски. Во некои подрачја (главно во централните и во источните, кои се близу до Истамбул) овој сооднос достигнувал и до 50%; сооднос што не се разликува само од провинција до провинција туку и во рамките на една иста провинција. Причина за тоа е што Турците живеат најмногу во градовите. Словенскиот карактер на западните области и оној латинскиот во источните подрачја во горниот дел на Дунав се јасно утврдени. Хеленизмот во јужната поморска зона не се оспорува сè до населувањето на албанците на оваа територија2. Во секој случај, јужните и источните подрачја во внатрешноста се претвораат во амалгам – грчки, словенски, латински, турски, албански – од луѓе со неопределен идентитет и несигурна свест.
Дали овие народи биле свесни за нивната „национална” припадност во текот на првите три или четири векови од османлиското владеење? Одговорот е не. Дури во 19тиот век концептот на нација навлегува во животите на жителите населени на полуостровот што, секако, не носи подеднакви предности за сите. Кои се тие што профитираат од создавањето национален мит? Кои се тие што играат главна улога во револуционерните активности кои водат до создавање национални држави? Како делува националната идеологија во тој период? Како национализмот влијае врз растечкиот социјален отпор и врз рарешувањето на пред-капиталистички структури? Ова се дел од прашањата со кои ќе се занимаваме подолу во текстов.
Поконкретно, ќе се обидеме да направиме компаративна анализа на трите национални држави кои се формираат во тој период – Србија, Грција и Бугарија3. Постоечките сличности покажуваат дека кај сите три национализми класата на трговците и етничките заедници во дијаспората ја играат главната улога во револуционерниот период. Во сите три случаи националната независност не е резултат на домашни движења и политики, туку во голем степен се врзува со интересите и конфликтите на Големите сили4. Не е случајно тоа што во сите три земји воспоставениот политички систем само номинално е либерален, додека, во суштина, им служи на олигархиските интереси на елитата која се формира за време на периодот на револуциите. Националистичката идеологија е само медиум за мобилизација на народните маси во Србија, Грција и Бугарија, не за добробит на првите, туку за заштита на статусот и моќта на елитите. Ќе го започнеме нашето размислување со опис на рамката во која сето ова се случува.
Османлиската империја не е типична етничка држава. Точно е дека основачите на Османлиската држава и династија се Турци по раѓање, но со освојувањата, Османлиската држава опфаќа голем број луѓе кои зборуваат различни јазици и веруваат во различни религии. Во добар дел од нејзината историја, националниот состав на владеачката османлиска класа е исклучително разнороден. Во суштина, османлиското владеење придонесува за опстојувањето на различни етнички групи преку неетничкиот карактер на неговата елита5. Великодостојниците се бездруго муслимани, но тоа е само заслуга на високата позиција. Менувањето на верата е механизам за напредување во општеството или за зачувување на сопственоста врз земјата и за други привилегии за локалното благородништво.
Преселбите на населението во рамките на османлиската територија, но и надвор од неа, во Австро-Унгарија6, резултираат со постојана промена на балканскиот национален мозаик. Голем дел од населението оди во планините (овие празнини главно биле покриени во 18-тиот век со албанските преселби). Таму тие не се притиснати од контролата на властите и ги зачувуваат или се навраќаат на полуномадски типови на организација, во смисла на стопанство базирано на одгледување добиток или на самодоволно и комунално организирање. Во Србија организирањето во задруги доведува до создавање традиционален патријархален систем. Задругата7 е совршена за стопанство во кое пазарот и парите немаат централно значење. Развојот на транспортот, порастот на размената и парично ориентираното стопанство водат до нејзино постепено исчезнување во 19-тиот век. Создавањето phatries и системот на политички и финансиски протекционизам што следи е истата онаа тактика употребена во Грција. Османлискиот систем не наметнува ниту политичко поистоветување, ниту нова култура. Развојот на руралните средини навистина заостанува, но тие преживуваат благодарение на зачувувањето на нивните стари вредности. Атомизмот изостанува. Основни елементи во организацијата на заедниците се и локалните првенци, кои посредуваат помеѓу османлиската администрација и народот.
Појавата на национална еманципација во почетокот на 19-тиот век е врзана со колапсот на традиционалниот османлиски систем кон крајот на 18-тиот век. Замената на тимарите8 со чифлизи, како и општата промена на финансиската и социјалната структура на империјата, ги одразува како прво пропаѓањето на централната администрација, придружено со закуп на даноци и јавни услуги и како второ новите услови што се создаваат во меѓународната економија со капиталистичкиот систем. Потребата од меѓународен пазар за суровини и стоки од примарна потреба го зголемува интересот на големите земјопоседници за земјоделско производство. Оттаму, насекаде е присутна зголемена експлоатација на земјиштето и поддршка на крупното сопствеништво, секогаш кога политичките и општествено-економските услови го дозволуваат тоа. Оваа нова форма на сопствеништво на земјата значајно се шири и малите независни поседи на „робовите“ постепено се проголтани. Чифлизите ги доведуваат земјоделците до статус на делумна закрепостеност9. Христијанските селани стануваат „робови“ и ја немаат веќе заштитата од локалните османлиски власти против своеволието на нивниот господар. Новиот начин на управување со земјиштето оди во чекор со поголема локална автономија на пашалаците и развој на христијански буржоаски класи. Вреди да се спомене дека локалните селски првенци се производители но истовремено и собирачи на данок во рамките на заедницата, трговци со земјоделски производи, дуќанџии и лихвари. Тие, заедно со новонастанатите трговци и буржуи, ќе бидат главните ликови во револуциите што следат.
1 Останатиот дел, кој вклучува 51.000.000 жители (во почетокот на 1900тата), две држави, десет „историски” нации и повеќе од дваесет етнички групи, е под Австо-Унгарската Империја (Mazower, 2004). Назад
2 Налетите се карактеристични за Средниот век, посебно помеѓу 13-ти и 16-ти век. Продолжуваат и за време на Османлиското владеење. Назад
3 Нема да ги разгледуваме случаите на Романија и Албанија. Назад
4 Без суштинската дипломатска и воена интервенција од страна на Големите сили (Велика Британија, Франција, Русија) 15-ти февруари во Србија и 25-ти март во Грција не би биле национална прослава и празник. Назад
5 Првите 170 години од 50 големи везири само петмина биле Турци, 11 исламизирани Албанци, 11 јужни Словени и шестмина Грци (Νυσταζοπούλου – Πελεκίδου, 1987). Назад
6 Било поради колонизирачката политика на Високата Порта (преселбата на турско население од „загубените“ територии на Кавказ и Крим) или поради трговски или финансиски интереси, или како резултат на неуспешни локални буни (типичен пример е Големата преселба на Србите во 1690 год. во Унгарија). Назад
7 Задруга: Широко семејство кое е составено од две или повеќе биолошки семејства што поседува заедничка земја, животни и алатки и чии членови ги споделуваат ресурсите. Назад
8 Земјиште кое им се доделувало на офицери или водачи на воени единици во Османлиската империја како надомест за воена служба. Назад
9 Чифликот произведува за пазарот, но односите во него се попрво од феудален тип. Назад
[wptabposts mode=”horizontal” effect=”fade” number=”5″ cat=”265495″]
Коментари
Целта на овој блог е да претставува место за плодна дискусија околу концептите нација и национализам. Важно е секој кој сака да учествува во дијалогот да го искаже своето лично мислење следејќи ги тематските категории формирани на блогот. Затоа, сите коментари кои не одговараат на категориите или пак се со навредлива содржина не се соодветни за целите на овој блог. Поради интернационалниот карактер на проектот, ве молиме да вклучите англиски превод на вашите коментари, доколку истото е возможно. Може да испраќате текстови во форма на коментари во овој модул.