Симболите и нивната употреба не претставуваат иновација во историјата на човечкото комуницирање. Симболот, во онаа смисла во која ние ќе го разгледуваме, може да се дефинира како сè она што се користи за да се прикаже нешто или да се претстави нешто апстрактно. Уште на почеток треба да истакнеме дека не сме против општата употреба на симболите, на пример, во метрото на Сјудад Мексико, каде што на местото каде што запира метрото има конкретни симболи за да им послужат на неписмените луѓе.
Ако ја читаме историјата вон калеидоскопот на власта, употребата на симболите отсекогаш им служела на моќните на два начина. Прво, таа ги сведува комплицираните политички прашања на минималистички интерпретации со кои се заменуваат логичните аргументи. Второ, таа има намера да ги поврзе симболичките форми со општествените, избирајќи ги симболите кои ѝ се најблиски на нивната целна публика и проширувајќи ги онака како што ѝ одговара на власта. Ова од своја страна влијае на два начина врз начинот на кој поединецот гледа на извесен концепт т.е. нацијата. Прво, поединецот сфаќа дека некои симболи стекнале нови симболички функции и, второ, дека одредени симболи имаат пожелен – за власта – ефект врз начинот на кој поединецот го гледа општеството (Smith, 1998). Ова пожелно (за власта) влијание во случајот на нацијата е гледиштето кое општеството го гледа поврзано преку националните врски.
Ако прифатиме дека секој знак е препознатлив дури и кога моментот на негово создавање е неповратно изгубен, дури и кога не знаеме што неговиот наводен креатор сакал да каже во моментот кога тој бил создаден, па го препуштил на неговото есенцијално лутање (Derrida 1972), власта се обидува да не го препушти значењето на овие симболи на нивната судбина. Напротив, таа има намера да им го ограничи значењето во калапот на фиксираната интерпретација која елитата им го дава, со цел да биде разбирливо како такво, дури и по нивното откинување од рацете на нивниот творец. За да успее во тоа, државата вложува во етничкиот мит.
Митот и, конкретно, етничкиот мит зборува за работите, додека јазикот ги кажува работите онакви какви што се (Barthes, 1979). Митот ги презема знаците од јазикот (т.е. некој збор), го отстранува нивното значење и им дава друго значење, онакво какво што му одговара на митот. На овој начин работите (т.е. зборовите) се лишуваат од нивната историја и од сето нивно значење што го имале пред да паднат во рацете на митот. Местото на нивната историја и значење е преземено од природноста што прострујува од новото значење кое им е дадено на овие работи (т.е. на истите зборови). Оваа природност изгледа така едноставна и разумна, како едноставна претстава. На пример, едноставно разбирајќи ја „храброста“ на Александар и на македонската војска во „Александровиот мозаик35“ без таа да биде објаснета, вие едноставно мислите дека таа е речиси природна, дадена. На тој начин, секој дискурс околу суштината на работите се укинува и сè изгледа јасно како бел ден, дадено и во никој случај сомничаво.
Митот постои сè додека се сфаќа како реалност, а не како семиотски систем, сè додека не се забележува искривувањето во значењето на работите. Митот постои сè додека поединецот не може да ја сфати лажната и конструирана причинско-последична врска помеѓу овие работи. Етничките митови како семиотски системи ја зацврстуваат својата кохерентност истрајувајќи низ времето. Оваа кохерентност зависи од степенот на кохерентност (вистинска или замислена) на заедницата која ги создала митовите и обратно, кохерентноста на заедницата зависи од кохерентноста на митовите како семиотички системи (Buccelatti, 2010).
35 Оној што е пронајден во Помпеја во “Casa del Fauno”. Тој ја прикажува Битката кај Ис во 333 г.п.н.е. или Битката кај Гавгамела во 331 г. п.н.е., обете битки помеѓу Александар III и персискиот крал Дариј III. Мозаикот го прикажува Александар и неговата војска, при што Александар нишани од лево и се обидува да го погоди Дариј. Погледот на персискиот крал е фиксиран на Александар. Се смета дека мозаикот е дело на Апел, сликарот на Александар, единствениот кому – според римскиот историчар Плиниј Постариот – му било дозволено да црта портрети на Александар. Назад
[wptabposts mode=”horizontal” effect=”fade” number=”5″ cat=”265497″]
Коментари
Целта на овој блог е да претставува место за плодна дискусија околу концептите нација и национализам. Важно е секој кој сака да учествува во дијалогот да го искаже своето лично мислење следејќи ги тематските категории формирани на блогот. Затоа, сите коментари кои не одговараат на категориите или пак се со навредлива содржина не се соодветни за целите на овој блог. Поради интернационалниот карактер на проектот, ве молиме да вклучите англиски превод на вашите коментари, доколку истото е возможно. Може да испраќате текстови во форма на коментари во овој модул.