Гемиџиите: анархистите кои го потресоа Солун

Гемиџиите65 се интересен и не толку незначаен дел од борбата за ослободување од Османлиската империја во првите години на 20-тиот век. Тие биле група млади анархисти со словенско потекло кои во април 1903 година, во текот на четири дена, извеле неколку напади врз имотот на европските капиталисти во Солун. Нивната цел била, преку овие напади, да пренесат јасна порака до западно-европските влади и капиталисти дека не може непречено да тргуваат на територијата на Македонија игнорирајќи го угнетувањето на народот под османлиската власт.

Нивната акција, од 28 април до 1 мај 1903 година, се состоела од неколку напади: дигање во воздух на францускиот брод „Гвадалкивир“ за време на неговото поаѓање од солунското пристаниште, разнесување на зградата на Османлиската банка, фрлање бомби на различни локации во Солун, два судира со османлиските војници и неуспешен обид за атентат на османлискиот градоначалник на Солун. За време на овие акции, шестмина од Гемиџиите биле убиени, а четворица биле фатени и затворени.

Кога станува збор за акциите на Гемиџиите важно е да се истакнат две нешта. Првото е свесната намера на групата да се избегнат цивилни жртви за време на акциите и да биде колку што е можно појасно, дека акциите се насочени против европскиот капитал и османлиската власт. Затоа, бродот „Гвадалкивир“ бил смислено онеспособен во близина на пристаништето, а не на отворено море, со цел патниците да може лесно да бидат спасени. Слично, пет минути пред дигањето во воздух на Османлиската банка, Орце Поп Јорданов, човекот одговорен за оваа акција, втрчал во зградата да им каже на директорот и неговото семејство веднаш да ја напуштат зградата ако не сакаат да загинат во експлозијата. Сепак, кога го истакнуваме ова не треба да се заборави дека поради четиридневните акции на Гемиџиите во Солун биле убиени многу недолжни луѓе при релативно спонтаната одмазда од страна на турската толпа на солунските улици: според османлиските власти – 35 лица, а според македонската ослободителна организација помеѓу 200 и 30066. Покрај тоа, многумина биле уапсени, 29 од кои биле затворени без да имаат каква и да е врска со акцијата на Гемиџиите.

Второто нешто важно за истакнување се политичките гледишта на Гемиџиите. И покрај тоа што не постојат директни извори, програмата на Македонскиот таен револуционерен комитет ни дава доста веројатна претстава. Македонскиот таен револуционерен комитет бил формиран во 1897 година, во Женева, Швајцарија, од страна на анархисти од Бугарија и Македонија. Наскоро потоа, неговите членови се вратиле на Балканот и работеле, претежно меѓу младите, на формирање анархистички групи. Вака била формирана и групата Гемиџии и, иако била независна во нејзините акции, нејзините членови тесно соработувале со и ги делеле политичките гледишта на поранешниот Македонски таен револуционерен комитет кој бил распуштен во меѓувреме.

Што се однесува до Македонија, во програмата на Македонскиот таен револуционерен комитет стои дека Комитетот се залага за независност на регионот Македонија од османлиската власт и ја поддржува најшироката слобода на луѓето во Македонија да создадат влада каква што самите ќе изберат. Доста важно е тоа што Комитетот истакнал дека нема да претпочита ниту една националност што живее во регионот Македонија пред другите, и дека прашањето дали, по ослободувањето од османлиското владеење, Македонија ќе биде засебна политичка единица или ќе се присоедини кон некоја од соседните држави, е нешто за кое самото население треба да одлучи, без надворешно мешање, по победата во борбата за ослободување на Македонија67. Како што е споменато погоре, доста е веројатно дека и Гемиџиите го делеле ова гледиште како резултат на блиската соработка и заедничките политички гледишта на Македонскиот таен револуционерен комитет и Гемиџиите.

Каков е третманот на Гемиџиите во историографијата на Република Македонија? Изненадувачки, Гемиџиите и нивните акции во Солун се претставени во исклучиво позитивно светло. Во прв ред, ова изненадува затоа што групата била анархистички ориентирана, а ниту за време на комунистичкиот режим пред 1990 година ниту денес анархизмот не е позитивно вреднуван од естаблишментот. Покрај тоа, како што беше наведено погоре, недолжни луѓе биле убиени како одмазда за акциите на Гемиџиите, а Гемиџиите биле свесни дека одмаздата би била многу веројатна реакција на нивната акција. Конечно, акцијата на Гемиџиите имала негативни последици по плановите за Илинденското востание на Македонската ослободителна организација во август 1903 година. Најголемиот удар било убиството на Гоце Делчев, една од најистакнатите личности на Македонската ослободителна организација, кое се случило само три дена по настаните во Солун, а како резултат на зголемената активност на османлиската војска заради активностите на Гемиџиите. Кога станува збор за востанието планирано од страна на Македонската ослободителна организација, исто така треба да се спомне дека Гемиџиите, сакајќи да бидат независна група и да дејствуваат како такви, одбиле да ја усогласат својата акција со плановите за востание на Македонската ослободителна организација и да ја одложат акцијата во Солун за само околу три месеци.

Значи, прашањето е: зошто историографијата во Република Македонија ги вреднува Гемиџиите исклучиво позитивно и покрај тоа што биле анархисти, иако нивната акција довела до (очекувана) одмазда врз мирното население и имала негативни последици на плановите за Илинденското востание на Македонската ослободителна организација? Причината веројатно лежи во пристапот кон историографијата според кој секој што е „наш“ и има направено нешто што придонело за ослободување од надворешниот непријател не може да биде негативно вреднуван, без оглед на неговото однесување, последиците од неговите постапки, неговите односи со другите борци за слобода итн. Што се однесува до создавањето и одржувањето на позитивната слика за групата Гемиџии, треба да се истакне дека, иако честопати било наведено дека нејзините членови биле анархисти, тие пред сè се претставени како борци за национална слобода.

Каква и да е сликата за Гемиџиите во историографијата на Република Македонија, два аспекти говорат недвосмислено позитивно за нив. Првенствено, нивниот напор да избегнат цивилни жртви при нивните акции. Важноста на ова може да се заклучи доколку ја споредиме акцијата на Гемиџиите со таканаречените „магарешки атентати“ организирани од десното крило на Македонската ослободителна организација во 1911-1912 година. „Борците за слобода“ од десното крило, сметајќи ги сите Турци за непријатели, без разлика дали биле војници или цивили, богати или сиромашни, на неколку наврати ставиле експлозив на магариња и ги дигнале во воздух на пазарите во моменти кога сиромашните Турци, привлечени од ниските цени на производите, биле собрани околу магарињата натоварени со експлозив. Таков чин бил незамислив за Гемиџиите. Дури и животот на директорот на филијалата на Османлиската банка во Солун бил поштеден.

Како второ, имајќи на ум дека регионот Македонија бил населен со луѓе со различна етничка и религиозна припадност, анархистите, вклучувајќи ги тука и Гемиџиите, се залагале за идејата луѓето, без оглед на нивната верска или етничка припадност, да имаат најширока слобода во одлучувањето за иднината на нивната земја. Наместо крвопролевање околу прашањето чија е Македонија, тие сакале народот, по победата во ослободителната борба, мирно да ги реши можните несогласувања. Во оваа смисла, Гемиџиите кои фрлале бомби биле поцивилизирани не само од многу од луѓето што го населувале целиот регион Македонија пред еден век, туку и од многу од оние што го населуваат денес.

 


 

65 Оваа група го одбира името Гемиџии затоа што сакаат да нагласат дека се луѓе кои сакаат да ги напуштат нивните обични животи и, како брод, да отпловат во бурното море, каде, ако не успеат, ќе бидат уништени од карпите. Христо Силянов „Освободителнитѣ борби на Македония“, “Наука и Изкуство”, София, 1983, I, 247, http://www.promacedonia.org/obm1/5_5.html . Назад

66 Силянов, op. cit, I, 259. Назад

67 Види „Програма на Македонскиот таен револуционерен комитет“ кај Данчо Зографски „За работничкото движење во Македонија до Балканската војна“, Институт за национална историја на македонскиот народ, 1950, 136 стр. Назад

 

Назад кон поднасловите

Почеток на страната

 

Permanent link to this article: https://ajde.espivblogs.net/2012/10/07/the-gemidjii-the-anarchists-that-thundered-thessaloniki/?lang=mk

Напишете коментар

Your email address will not be published.