3.4 „Великоста” на Александар Велики и зошто (не) треба да го цениме?

Во двете земји Александар Велики е широко прифатен како една од најважните историски личности во сопствената национална историја. И многу луѓе во двете земји се горди што Александар Велики има иста националност како и тие. Но, зошто би требале да го цениме? Ова важно прашање ретко се поставува.

Дали Александар се цени едноставно затоа што е познат и го вбројуваме меѓу припадниците на нашата националност? Голем број луѓе имаат позитивно мислење за личности само зашто се со иста национална припадност и се познати. Но, една работа е да си познат или „велик“, а сосема друга работа е поради кои причини некој станува познат или „велик“. Ако некој човек е лош или направил лоши работи, дали треба ние нив да ги ублажиме, само затоа што тој човек е од иста националност со нас? Кај секоја нација има добри и лоши луѓе и ние треба да ги цениме добрите, каква и да е нивната национална припадност и да не оправдуваме нечии срамни дела само зашто луѓето кои ги направиле имаат иста националност со нас.

Но, можеби треба да го цениме Александар затоа што направил нешто добро? Што е тоа што направил? Се борел можеби за слобода? Или освојувал туѓи земји за лична слава? Ако борењето за слобода несомнено треба да се цени, тоа не може да се каже и за освојувањата за лична слава.

Плутарховата биографија за Александар, на пример, содржи очигледна тенденција да го прикаже Александар во позитивно светло, но, сепак, внимателниот читател може да забележи многу епизоди кои го прикажуваат овој освојувач многу поинаква светлина.

Во прв ред, неговата желба за лична слава е повеќе од очигледна. Како младо момче, тој му завидувал на освојувањата на татка си поради „интересна причина“: тој можел да не остави ниту еден голем подвиг за Александар (Life of Alexander, 5). Друга типична епизода на опседнатост со лична слава се случува при неговото враќање од Индија, кога дошол до океанот. Таму принесува жртва на боговите молејќи се ниеден друг човек да не ги надмине границите на неговата експедиција (Life of Alexander, 66). Најбезмилосниот исход од неговата желба за лична слава е минувањето низ Гедрозиската пустина. По истоштувачки шеесет дена низ пустината ни една четвртина од неговата војска не се вратила од Индија (Life of Alexander, 66). Според Аријан, тој го одбрал патот низ пустината бидејќи, освен асирската кралица Семирамида при нејзиното враќање од Индија, никој друг, според она што го знаел, не успеал со својата војска безбедно да ја премине пустината (Anabasis Alexandri, 6.24.1-26.5).

Неговото непочитување за туѓиот живот, па дури и оној на најблиските соработници, било повеќе од очевидно. Најдобро ќе кажат следниве две епизоди кои вклучуваат убиства спроведени или нарачани од Александар:

1) Убиството на Клит. Клит бил генерал во војската на Александар и истиот му го спасил животот во битката кај Граник, а по таа случка му станал близок пријател. За време на една пијанка, неколку години подоцна, Клит се нашол испровоциран поради непочитта кон генералите во војската и кон Филип II, а која Александар ја толерирал. Тој започнал отворено да искажува несогласување пред Александар, а кога Александар го прашал дали мисли дека ќе пројде неказнет поради неговите зборови, Клит му одговорил дека тој би требало да ги остава луѓето слободно да зборуваат или да не кани слободни луѓе кои кажуваат што мислат, и наместо тоа да живее со Варвари и робови, кои ќе му се поклонуваат. Клит продолжил да го критикува па Александар зграбил копје од еден од стражарите и го убил човекот кој му го имал спасено животот, а потоа му бил и еден од најдобрите пријатели (Life of Alexander, 50-51).

2) Убиството на Филота и Парменион. Оваа епизода е уште погрозоморна и го става Акександар веднаш до Чезаре Борџија, идолот на Макијавели. И Филота бил еден од најблиските пријатели на Александар, а Парменион бил втор во линијата на команда и татко на Филота. Во 330 г. пр. н. е. Александар го информирале дека Филота бил вмешан во заговор против него. Филота бил осуден на смрт од војската и погубен. Веднаш потоа, Александар, мислејќи дека е премногу опасно да го остави жив таткото, праќа наредба во Медија, каде се наоѓал Парменион, и тој да биде убиен (Life of Alexander, 49). Немало никаков доказ дека Парменион бил на каков било начин вмешан во заверата, а не му била дадена можност ниту да се брани. Веројатно Александар мислел дека, незадоволен, Парменион би му бил сериозна закана, посебно затоа што тој командувал со многубројна војска и бил поставен близу до Александровата ризница и неговите канали за снабдување. Размислувајќи на чисто макјавелистички начин, Александар реагирал брзо и испратил тројца офицери на камили, преку пустината по најкраткиот можен пат, да го убијат Парменион. Овие агенти стигнале до Парменион уште пред тој да добие какви било вести и го прободеле до смрт на лице место.

Некои би можеле да речат дека ваквите епизоди од животот на Александар, иако морално неоправдани, биле типично однесување за неговото време и дека ние не треба да ги применуваме моралните стандарди од нашето време на античкиот свет. Но колку и да мислиме дека злоделата на Александар се оправдани од неговото време, треба да имаме на ум дека токму нашите морални стандарди се оние кои би требало да нè поучат дека не смееме да цениме луѓе кои водат војни по нивна желба, окупираат туѓи земји и се подготвени да направат сè, дури и по цена на човечки животи, за нивна лична слава. Зошто грчкиот и македонскиот народ почитуваат лик каков што е Александар, па уште и се расправаат околу лажното прашање „чиј“ е тој? Александрос Мегалос / Александар Македонски не е Грк, не е Македонец – тој бил освојувач како современите освојувачи на Ирак и Авганистан. Како таков тој не заслужува статуи ниту во Солун, ниту во Скопје ниту на кое било друго место! Тој бил типичен варвар кого го интересирале само освојувања и плен и не може и не треба да биде почитуван од страна на ниеден цивилизиран човек, ни Грк, ни Македонец!

Можеби најдобар опис на Александар е приказна раскажана од Августин. Александар фатил еден пират. Кога кралот го запрашал човекот зошто непријателски го присвоил морето, тој одговорил со смела гордост: „Зошто ти ја освои цела земја? Само затоа што јас го правам тоа со еден безначаен брод, ме нарекуваат крадец, додека тебе што тоа го правиш со голема флота те сметаат за император.” (The City of God, Book IV, ch. 4). Некои сличности често се повеќе од очигледни кога ќе го ослободиме умот.

Сето погоре искажано е обид за деконструкција на митовите кои ги гради доминантната историографија, овој пат за Александар. Дури и ако сите наведени злодела не му ги препишеме нему, дури и ако тој не бил крвожеден воен лидер, ништо нема да се смени во изучувањето на семиотичката вредност на ликот на Александар. Националната нарација го врзува Александар со „славно“ минато кое прикажува огромни империи и херојски дела, чија цел е да произведат „трепет“ од патриотски чувства. Националниот мит е исполнет со колоритни описи на несебично саможртвување на античката македонска војска и нивниот наводен восхит кон Александровиот лик, како читателот би се навикнал на чувства на поданство, потчинетост и саможртвување.

Што се однесува до самиот лик на Александар, не недостасуваат помпезни упатувања, како, на пример, на неговите „супериорни“50 вештини за војување, стратегии, воено предвидување, јунаштво51 и ревност за делење правда52 и ослободување на поробените. Ова е материјалот од грчкиот и македонскиот мит, со кој Александар се претставува како оној кој победува, како моќен, како човек кој има слични особини како неговиот татко, само во поголеми размери.

Согласно со желбата на доминантната историографија „хероите“ од минатото да живееле во истиот регион каде што денес живеат Грци, Македонци, Бугари и Албанци, овие држави создадоа соодветна регионална врска. Тоа од една страна им дава ново значење на географските локалитети, како села и градови53, а од друга страна го заобиколува фактот дека античките македонски војници се мешале со други народи до степен што се губи можноста регионот да се дефинира како македонски.

Митот за македонското национално наследство и оној за „избраната македонска нација“, наследство кое ги проширува своите граници благодарение на истовремениот мит за „златното доба“ на Александар, го зазема своето место во колективната меморија. Ова е јадрото на неодамнешниот македонски и едно од јадрата на грчкиот национализам. Ширењето и размножувањето на сплетот од национални митови и симболи врз идните генерации игра важна улога во преживувањето на нацијата и на национализмот. Ова бездруго се постигнува и преку државното образование полно со национални прослави, паради но и со бројни референци во школските учебници врзани со „славното минато“.

Покрај образованието, оваа задача често ја имаат интелектуалците кои ги создаваат, репродуцираат и одржуваат националните митови (Smith, 1981). Тие работат како летописци кои го поврзуваат јазот помеѓу сегашноста и минатото „златно доба“. Нивни протагонисти се филолози, археолози, поети, книжевници и пред сè историчари (Conversi 1995, Hutchinson 1987), подржани од уметници (скулптори, сликари, писатели, музичари и глумци, сè до театарски сценаристи и кинаматографски режисери) кои играат улога на пренесувачи на национални идеи и на нивни поврзувачи со славното минато. На овој начин тие го развиваат митот за историски континуитет до денешен ден. Оставајќи ја настрана интелектуалната елита, останатите вакви интелектуалци не се нужно дел од класа која тежнее кон одредени цели, ниту дејствуваат според заповеди или наредби. Најверојатно истите овие интелектуалци се носители на националните идеи што ги репродуцираат. Треба да земеме предвид и дека овој огромен одглас на национализам се должи на улогата која медиумите за масовна комуникација ја играат во постапката за формирање согласност54.

Кога не би постоеле различни нации, кога не би постоеле „другите“, тогаш не би имало смисла да постои национализам. Не случајно национализмот се врзува со расизам, фашизам и биготизам. Националните митови, сеќавања, вредности, традиции и симболи се алатки на национализмот кои придонесуваат за дискриминацијата меѓу две заедници или групи на луѓе, без да се обрне внимание на социјалните карактеристики, класната положба или политичките убедувања. Напротив, ги истакнуваат националната и расната супериорност, како и карактеристиките како биолошкиот пол, како алатки за дискриминација на луѓето. Ваквата дискриминација постои до ден денес и е очигледна кај луѓе кои живеат во Грција и во Република Македонија, а особено во последниве две декади ја покажува својата најгрда страна. Влошувањето на овој феномен се гледа во националистичкото лудило потпалено од двете држави кои наизменично вложуваат во градење национални симболи и митови за да фрлат сенка врз социјалниот отпор во самата држава.

 


 

50 Било реална, било замислена супериорност, тоа не е важно, освен кога e презентирана од страна на доминантната реторика. Назад

51 Опишан наспроти сликата за Персијците кои се прикажани како кукавици. Назад

52 Како пример можеме да го споменеме фактот дека походот на Александар бил оправдан со благородни причини како онаа за ослободување и онаа за ширењето на Персиската империја, за да не ги повторува неговите империјалистички походи. Можеме истото да го кажеме за грчкиот поход во Мала Азија (1919-1922), кога истиот бил оправдан со „потребата“ да се справат со вооружените паравоени сили кои го прогонувале грчкото население во Измир. Назад

53 На пример, Вергина, Пела итн. Назад

54 Herman, Edward S. and Noam Chomsky (1988), Manufacturing Consent. The Political Economy of the Mass Media, New York: Pantheon Books. Назад

 

Назад кон поднасловите

Почеток на страната

 

Permanent link to this article: https://ajde.espivblogs.net/2012/10/07/3-4-the-greatness-of-alexander-the-great-or-why-should-we-not-appreciate-him/?lang=mk

Напишете коментар

Your email address will not be published.