3.2 Сонцето од Вергина и грчкото фета сирење

Националните симболи изгледаат безвременски или таква е желбата на власта, која до некоја мера, веќе и успеала во тоа. Сепак, колку безвременско е Сонцето од Вергина? Сега ќе се фокусираме на формата на симболот; ќе ја разгледаме неговата семиотска вредност и она што таа го создава, имајќи го предвид неговото бројно појавување при ископувањето на некои гробници во Вергина, Иматија во 1977-мата година. Овие гробници ѝ се припишуваат на македонската династија на Аргеидите. Според М. Андроникос, главниот археолог при ископувањата, Сонцето од Вергина бил амблем на оваа династија и оттогаш симболичката вредност на Сонцето од Вергина достигна ниво да биде признато речиси за национален симбол. Сепак, бројните појавувања на истиот симбол на наоѓалишта кои припаѓаат на други историски периоди и региони (дури и пред времето на Филип) го поткрепуваат сфаќањето дека истото сонце е симбол, кој ако не вообичаено, тогаш широко користен од античкиот свет на Балканскиот Полуостров40. Тоа го наметнува нашето прво прашање: зошто грчката археолошка служба, токму во 1977-тата година41 и понатаму, ѝ го припиша ова сонце на куќата на Аргеидите и на античкото македонско кралство. Еден од одговорите би можел да биде тоа дека во таа година и на тоа наоѓалиште е пронајден златен ковчег украсен со овој симбол. Дури и ако овој одговор изгледа задоволувачки, следните два аргумента ќе го наметнат нашето следно разумно прашање. Прво, зошто само една балканска држава да го има апсолутното право на употреба и поврзување со овој симбол? Според историчарите од сите политички убедувања, македонската војска стигнала до Индија, па нејзините војници (како и нивниот крал) се мешале со домородното население. Оттука, зошто денешниот Авганистанец или Туркменистанец не би имале право да го користат и да упатуваат на овој симбол, зашто можат лесно да тврдат дека се потомци на македонските војници кои имале деца со жителите на Бактрија?

Второ, што би имале да кажат грчката археолошка служба и, следствено, грчките и македонските политички лидери, ако утре овој симбол биде пронајден во гробницата на кралот или принцот на Замунда42? Дали ќе се пристапи кон утврдување на датумот на настанување на двете гробници за да се открие која е постара? И во случај онаа од Замунда да се покаже дека е постара, дали Сонцето од Вергина ќе биде преименувано во „Сонце од Замунда“ и, следствено, дали Сонцето од Вергина ќе биде отстрането од сите градби на кои стои и од сите документи врз кои е испечатено? Или, некоја земја ќе побрза да го заштити авторското право, па судовите ќе одлучат, како во случајот со грчкото фета сирење?

Колку и да изгледа смешно, вистината е дека Грција на 3 јули 1995-тата година го заштити авторското право на Сонцето од Вергина кај Светската организација за интелектуална сопственост43. Така, како што може да се разбере, секој не-Грк кој ќе се осмели да го користи44, ќе ја има истата судбина како данските производители на сирење во октомври 2002-рата година45. Следејќи ја истата логика, Турција може да им забрани на сите не-Турци да прават баклава.

Се разбира, сите овие прашања имаат мала важност и не се поставени во смисла на тоа кој го има апсолутното право на употреба на овој симбол. Дури и ако Авганистанците или Туркменистанците или Зимбабвеанците имаа право да упатуваат на него, тоа не претставува нешто што нас нè интересира. Напротив, наведените прашања придонесуваат кон деконструкција на симболот на Сонцето од Вергина и на митот што е конструиран врз него. Она што нè интересира и на што се противиме е признавањето на различни права на упатување и нужноста државите да употребуваат одреден симбол како алатка. Прашање од голема важност претставува тоа што грчката и македонската држава се во постојан натпревар околу правото на употреба на овој симбол, но не и околу употребата на името „Александар“46, или околу правото на употреба на терминот „запалка“. Значењето на ова е врзано со семиотската вредност на запалката и Сонцето од Вергина или на Александар III. Како и во примерот со тоалетната хартија, би било многу тешко – ако не и целосно невозможно – математичкиот принцип на кој му недостига какво било упатување на раса, крвна припадност итн., да стане референтна точка со која луѓето ќе се идентификуваат себеси, или да стане обединувачка нишка за масите, во смисла на национална свест. Со други зборови, нема да може лесно да стане основата врз која ќе биде конструиран националниот мит како семиотски систем.

По повторната актуелизација на македонскиот проблем во последните две декади, национализмите на балканските земји ја чувствуваа потребата да ја прошират својата реторика. Така, беше потребно да се изнајдат нови алатки за да се обединат населенијата во национална смисла. На именувањето улици, аеродроми, пристаништа и други градби и географски локации, во 1977-мата година му беше придодаден и пронајдениот златен ковчег со сонце на него. Ова дојде за дополнително да го потхрани натпреварот за Македонија помеѓу балканските држави.

 


 

40 Спротивно на мислењето на Андроникос, еден друг археолог посветен на античкото македонско кралство, Јуџин Н. Борза, тврди дека Сонцето од Вергина било широко користено во античко-македонската уметност без нужно да биде поврзано со кралската куќа. Покрај тоа, Џон Пол Адамс ја спомнува широката употреба на наведениот симбол во целата грчка уметност пред и потоа. Тој исто така ја истакнува неможноста Сонцето од Вергина да и’ се припише на аргеадската куќа и воопшто на античките Македонци. Конкретно, покрај неговата употреба на украсните садови, Сонцето од Вергина е пронајдено на оклопи и штитови на грчки копјаници и на монети, кои се припишуваат на време долго пред раѓањето на Филип II. Назад

41 Сонцето од Вергина е пронајдено како го украсува капакот на златниот ковчег во „Гробницата II“ на ископувачкото место кај Вергина. Според Адроникос, „Гробницата II“ е таа во која се наоѓаат останките на Филип II. Назад

42 Од филмот „Доаѓање во Америка“ (познат и како „Принцот од Замунда“) со Еди Марфи. Назад

43 http://www.wipo.int/ipdl/en/6ter, кај „држави“ избери „Грција“ и откако ќе кликнеш „пребарувај“ ќе ти излезе (Бр. 3, 4 и 5) коишто водат до соодветните симболи.  Писмото на потврда од страна на WIPO: http://www.wipo.int/ipdl/IPDL-IMAGES/SIXTERXML-IMAGES/pdf/en/e5682.pdf. Назад

44 Истото важи и за сите фирми, без разлика на локацијата на нивното седиште, кои ќе се дрзнат да го вклучат Сонцето од Вергина како дел од нивниот заштитен знак. Назад

45 (EK) 1829/2002 Комисијата на Европските заедници, го промени 1107/96 (EK) во однос на „фета сирењето“ (EE L 277, s. 10). Така, грчкото фета сирење е заштитено со законите за авторско право. Назад

46 Иако до денес тоа име не е поле кое предизвикува контроверзност помеѓу двата национализми, сè поголемата зачестеност на името „Александар“ кое им се дава на машките деца во Република Македонија има јасна националистичка пребоеност. Нема да бидеме изненадени ако во иднина името „Александар“ ја следи судбината на Сонцето од Вергина. Назад

 

Назад кон поднасловите

Почеток на страната

 

Permanent link to this article: https://ajde.espivblogs.net/2012/10/07/3-2-the-vergina-sun-and-the-greek-feta-cheese/?lang=mk

Напишете коментар

Your email address will not be published.