3.1 Национални симболи

Во национализмот луѓето себеси се гледаат како дел од група на која ѝ припаѓаат, различна од другите групи. Национализмот се темели на споделено читање на одредени симболи. Не постои симбол кој како свое „природно“ својство има нешто национално. Секое присвојување на симболи стекнува посебна вредност (позитивна или негативна) по неговото поврзување или при неговото споредување со други симболи. Потребен е комплекс на национални црти (систем на идентификатори) кој има способност да се истакне наспроти другите комплекси. Овие карактеристики стекнуваат вредност едноставно бидејќи не можат да егзистираат посебно, туку напротив, тие се читаат во однос на другите (Buccelatti, 2010). Како и во јазикот, буквата во некој збор и зборот во некој израз немаат значење сами по себе, туку стекнуваат значење кога ќе се вклучат во целиот збор или израз.

Како национален симбол би можеле да го одредиме сето она што цели да предизвика национални чувства и истовремено да обедини под себе одредена група луѓе. Такви се националните прослави, маршеви, знамиња, статуи, споменици, монети и книжни пари, поштенски марки, имиња на улици итн., кои го обезбедуваат националниот ентузијазам со материјален статус (Bozos, 2004). Покрај тоа, според Касторијадес, националниот симбол е „знак… за кој некој може и мора да загине и она што предизвикува морници кај патриотите кога гледаат како поминува воената парада покрај нив36.“

Целта на националните симболи за нив е да бидат филтерот низ кој поединецот и, следствено, заедницата ќе ја репродуцираат својата сопствена слика. Со други зборови, тие имаат цел да му се вмешаат на поединецот и на неговата слика за себе за поединецот себеси да се гледа низ рамката на тој симбол и на тој начин да стекне идентитет кој ќе ги има боите на таа рамка. На ист начин, надворешниот свет ќе се разбира преку таа призма, а таа призма не содржи класни или други општествени црти.

Во секоја семиотска анализа на национализмот, улогата на перцепцијата и свесноста е централна. За национализмот е клучно поединецот да ги разбира и да биде свесен за националните симболи како такви. Ова се постигнува преку образованието37. На овој начин, перцепцијата и свесноста прават поединецот да има инстинктивен одговор дури и на емотивно рамниште, кога ќе види пред себе национален симбол. Сепак, овој одговор се однесува само на поединците кои се внатре во одредена група. Секој надвор од групата ги чита националните симболи на поинаков начин, бидејќи има поинакви перцепциски алатки, што од своја страна се должи на поинаквите искуства38. На тој начин, поединците внатре во групата чувствуваат дека имаат нешто заедничко со другите поединци од групата (Buccelatti, 2010).

Националните симболи ги има многу, се разликуваат од едно место до друго и од едно население до друго и имаат опсег од мачо лидери и пљачкаши до уметнички дела, национални поети, животни и работи како коњи и мечови. Сите тие не се избрани случајно, зашто власта не користи како национален симбол нешто што не е релевантно за нејзината цел. На пример, националниот мит никогаш не користел тоалетна хартија како национален симбол. Ова е поради тоа што, спротивно на прагматистичката максима дека знакот може да се примени за сè, сè додека има некој вид на општествена согласност околу неговото означување, потребно е да се имаат предвид одредени релативни перцепциски искуства39 (Eco, 1999). Овие искуства мора да упатуваат – на вистинит или имагинарен начин – кон она нешто кое националниот симбол сака да го изрази. Таквото искуство е очигледно кај фигурата на Александар наспроти тоалетната хартија, зашто Александар бил лице кое – според неговите современици историчари – е поврзано со античките Македонци.

Ние ќе се фокусираме на два такви симболи кои се искористени од грчкиот и македонскиот национализам. Тоа се симболите на Александар III, исто така познат и како „Велики“, и т.н. Сонце од Вергина, заедно со сите оние својства што тие ги имаат.

 


 

36 Castoriadis, C. (1987), The Imaginary Institutions of Society, Cambridge: Polity Press. Назад

37 Како парадите, националните прослави на училиштата, знамињата и учеството на учениците на митинзите како оној што се одржа во Солун во 1992-рата година, под закана дека ќе бидат казнети оние кои не учествуваат. Назад

38 На пример, еден Французин не гледа на ист начин на грчка блуза како што тоа го прават Грците. Назад

39 Се разбира, тука мора да спомнеме дека митот има способност да дава разумност на неразумното и така да создава примитивно перцептивно искуство од ништо (Barthes, 1979), кое отпосле добива значење. Сепак, ова не значи дека митот има моќ да дава значење на нешто што воопшто нема перцептивно искуство (конструирано или не). На пример, ако тоалетната хартија постоеше во 4-иот век п.н.е., митот ќе можеше да го поврзе со фигурата на Александар III, на тој начин создавајќи перцептивно искуство дека Александар употребувал тоалетна хартија дури и ако не употребувал. Тоа перцептивно искуство подоцна би можело да биде искривено преку некој митски аргумент со цел тоалетната хартија да се претвори во симбол. На пример, ова би можело да се направи со митскиот аргумент дека Александар бил првиот во целата историја што користел тоалетна хартија или дека ја избегнал смртта бидејќи стрелата што одела кон него ја погодила тоалетната хартија што ја носел со себе наместо неговото срце. Назад

 

Назад кон поднасловите

Почеток на страната

 

Permanent link to this article: https://ajde.espivblogs.net/2012/10/07/3-1-national-symbols/?lang=mk

Напишете коментар

Your email address will not be published.