Кон крајот на 14-тиот век, византискиот авторитет исчезнувал од Балканскиот Полуостров за последен пат. Всушност веќе кон средината на 14-тиот век, земјата на византиската тема Македонија била под власт на српскиот крал и император Душан. Кога Османлиите навлегле во Тракија и долината на реката Марица во 70-тите години на 14-тиот век, не се соочиле со Византијците туку со феудалните владетели, кралевите Волкашин и Углеша, од кои вториот контролирал поголем дел од поранешната византиска тема. Во овој временски период, името Македонија конечно исчезнува од политичките и административни мапи на регионот. По освојувањето на поранешните теми Тракија, Македонија, Стримонија, Тесалоника и Бугарија, Османлиите создале голема административна област наречена Румелиски Елајет или, буквално преведено, Римски Елајет. За новите азиски освојувачи на овој дел од Балканот името Македон имало нешто повеќе од нејасни, легендарни конотации. За време на петвековното османлиско владеење, името Македонија никогаш не се појавило во официјалните документи, ниту како име на административна единица, ниту како ознака на географски регион.
Сепак, како историско име и симбол, Македон останал запаметен за време на долгото османлиско владеење. Попрецизно, Источната православна црква се покажала како особено конзервативна за зачувување на сеќавањето на старите административни единици. Архиeпископите на Охрид, кои биле особено влијателни фигури во првите два века од османлиското владеење, понекогаш го спомнуваат името Македон во нивните официјални титули32. Името исто така продолжило да постои во оралната традиција, меѓу обичниот народ. По Австро-Османлиската војна од доцниот 17-ти век, голем дел од христијанското население кој ги поддржувал Австријците пребегал над Дунав, или во служба на Хабсбуршката Монархија или во Русија. Некои од нив биле организирани во посебни воени единици кои се бореле заедно со Русите и Австријците да ја ослободат нивната татковина од „Османлиите-неверници”. Во пишаните извори од тоа време, некои од нив изненадувачки се наречени „македонски единици”33 Некои од овие единици имале дури и бајраци со името Македон! Тешко е да се објасни како почнала оваа традиција, по толку долгото исчезнување за време на целиот средновековен период. Покрај тоа, дел од овие бегалци биле од територијата на средновековното Српско кралство, северно од антички Македон. Името Македонија исто така се сретнувало во народни песни, некои од кои биле запишани на почетокот на 19-тиот век.
Од друга страна, сеќавањето на името Македон опстојало и во хеленските делови на Османлиската Империја. Многу од влијателните Грци во Константинопол се гордееле со нивното македонско потекло, слично на византиските императори од 9-тиот и 10-тиот век. Како што веќе беше споменато, името Македон сè уште се употребувало во официјалните документи на Источната православна црква; тоа била една од првите земји под надлежност на Охридскиот Архиепископ, а по средината на 18-тиот век паднала под директнa надлежност на Патријархот во Константинопол. Така, името Македон опстојало како историски симбол и меѓу населението кое зборувало словенски и меѓу она што зборувало хеленски и покрај фактот дека било вон официјална употреба повеќе од 5 века.
Како и да е, повторното вистинско заживување на името Македонија се случило со бавното надоаѓање на современоста, под влијание на учените западно-европски патници и амбасадори. За време на 19-тиот век, голем број странски истражувачи дошле да патуваат и да ги истражуваат балканските провинции на Османлиската Империја. Ова бил периодот на романтизмот во западно-европските култура и уметност. Една од неговите главни карактеристики биле големата фасцинираност од и интересот за античкото минато, особено за она на класична Грција. Се појавуваат првите модерни проучувања на античките текстови, а патници како францускиот конзул во Тесалоника, Т. Десдевис Ду-Десер, Е, Кусинери, В. Лик, Вон Хан и др. се обиделе да лоцираат некои од античките топоними или луѓе споменати во античките извори. Всушност, сеќавањето за антички Македон најверојатно никогаш не исчезнало во научните кругови, бидејќи името Македонија се среќава на карти што датираат пред ширењето на романтистичкото движење во Западна Европа. На карта што датира уште од 1715-тата година, границите на земјата наречена Македонија грубо се совпаѓаат со границите на Античка Македонија, а не со оние на византиската тема Македонија34. Ова оживување на античките традиции отпрвин било интерес на потесните научни кругови и првично било од историско и историско-географско значење. Но во следните децении имало големо влијание на создавањето на современите национални идентитети во регионот.
Кон средината на 19-тиот век, новоформираната грчка национална држава била целосно свртена кон славното минато како инспирација за новиот грчки национален идентитет, иако византиското наследство продолжило да игра важна улога преку Православната црква. За грчките националистички мислители, античка Македонија била дел од хеленското културно и историско наследство. Иронично на денешната ситуација, раните грчки националисти биле тие што ја промовирале идејата за Античка Македонија меѓу населението што говорело словенски и хеленски и живеело на територијата северно од грчкото кралство. Во 50-тите години на 19-тиот век, учените луѓе од денешна Македонија ја викале земјата на нивните сонародници Македонија, а некои дури и се обиделе да ги нацртаат античките граници на Горна и Долна Македонија. Така, до втората половина на 19-тиот век, Македонија се појавува на повеќето мапи на отприлика истата локација со денешната. Во поголем дел ги следи границите на античката римска провинција, освен во северниот дел каде се проширува и ја покрива земјата позната како Стара Србија или регионите Скопје, Куманово и Тетово, трите најсеверни града во денешна Република Македонија, како и горното течение на Струма во денешна Бугарија. Кога во втората половина на 19-тиот век се развило националното ослободително движење во Македонија, го зело името Внатрешна македонска револуционерна организација.
Така, современото оживување на античко географско име играло многу важна улога во појавата на современото националистичко движење во денешна Република Македонија. Најмногу благодарение на ваквиот развој на настаните, дошло до појава на одделен словенски македонски идентитет, различен од грчко-македонскиот идентитет и српскиот или бугарскиот национален идентитет. Од друга страна, прашањето со името имало улога и во формирањето на современиот грчки национален идентитет.
Фокусот на оваа дискусија не беше развојот на современиот македонски национализам. Покрај името како примарен историски симбол, несомнено има уште голем број други важни фактори. Нашата цел е да ја истакнеме важноста на името како елемент во формирањето на современиот грчки и македонски национален идентитет и драматичната историја на употребата на терминот Македонија како име на политички ентитет, провинција и географски регион. Кога станува збор за името, имаме појава на две паралелни историски и географски традиции: првата претежно хералдичка и усна, ограничена на населението што говори словенски на јужниот и централниот дел од Балканот, а другата хеленска, претежно поврзана со црковните кругови во Константинопол, но и со богатата класа грчки трговци. Сепак, само благодарение на влијанието на современото, западно-европско школство во 19-тиот век, името Македонија било повторно воведено во употреба, доведувајќи ги двете дивергентни традиции во конфликт што трае до денешен ден.
32 I. Snegaroff, History of the Ochrid Arch-bishopric, Sophia 1923; J. Shea. Macedonia and Greece: the struggle to define a new Balkan nation, 1997. Назад
33 A. Матковски, Македонскиот грб: придонес кон македонската хералдика, 1970. Назад
34 http://www.raremaps.com/gallery/enlarge/28032. Назад
Коментари
Целта на овој блог е да претставува место за плодна дискусија околу концептите нација и национализам. Важно е секој кој сака да учествува во дијалогот да го искаже своето лично мислење следејќи ги тематските категории формирани на блогот. Затоа, сите коментари кои не одговараат на категориите или пак се со навредлива содржина не се соодветни за целите на овој блог. Поради интернационалниот карактер на проектот, ве молиме да вклучите англиски превод на вашите коментари, доколку истото е возможно. Може да испраќате текстови во форма на коментари во овој модул.