Балканскиот Полуостров ја делел судбината со поголемиот дел од римска Европа на крајот на Антиката. Најкасно до почетокот на седмиот век, целиот Балкански Полуостров, вклучително поголемиот дел од Грција, бил населен со разни словенски племиња. Само поголемите градови со тврдини на егејското, јадранското и јонското крајбрежје останале под директна контрола на Византија. Византиските гувернери и армија сосема се повлекле од внатрешноста на Балканот и иако многу од словенските поглавари начелно го прифатиле сизеренството на византискиот император, стариот државен апаратус и административните поделби едноставно престанале да постојат.
Изворите од седмиот век зборуваат за териториите на разните словенски племиња, а не за старата провинција Македонија. Сеќавањето за антички Македон сепак не било изгубено. До крајот на осмиот век, Византиската Империја успеала повторно да освои поголем дел од јужниот Балкан, вклучително централна Грција и Пелопонез, Тракија и крајбрежјето на Црното Море. Иако само мал дел од поранешната римска провинција Македонија бил освоен, поточно областите долж долните теченија на Нестос и Стримон (Места и Струма), византијците, следејќи ја старата римска административна номенклатура, ја нарекле територијата на западна Тракија, тема Македонија31. Ова потсетува на формирањето на балканските провинции Дакија Рипенсис и Дакија Медитеранеа кон крајот на 3-иот век, по повлекувањето на римските легии од Трансдунавската Дакија на императорот Трајан. Врз основа на истиот принцип, во 8-миот век, Византијците му го дале името Македон на новоосвоениот регион Западна Тракија, бидејќи бил најблиската административна област до римската провиција Македонија. Од друга страна, темата Тракија всушност се протегала на северниот брег на Мраморно Море.
Централната област на новоформираната тема Македонија се состоела од долината на реката Марица и нејзините притоки, а главните центри биле Филипополис (денешен Пловдив) и Адријанопол (денешен Едрене). Всушност, единствените делови од римската провинција Македонија каде Византијците имале директна власт биле темите Стримонија и Тесалоника, на територијата по долното течение на Стримон и Нестос и во Термајскиот Залив. Поголемиот дел од земјата што била римска Македонија сега била нарекувана Бугарија или, неодредено, Моезија, па дури и Скитија. Многу мал број антички топоними опстанале во пишаните извори од средновековието. Дури и кога антички град ќе продолжел да постои по крајот на Антиката, честопати бил познат под друго име во средновековниот период. Изгледало дека сеќавањето за антички Македон исчезнало, барем со неговото првично географско значење. Меѓутоа, примената на името Македонија за земјата источно од Родопите од страна на византиските власти во доцниот 8-ми век покажува колку големо значење носело ова име, речиси цел милениум по исчезнувањето на античкото кралство! Во периодот од средината на 9-тиот до средината на 11-тиот век, византиските императори гордо се нарекувале Македонци, а својата династија ја нарекувале македонска, иако нивниот основоположник бил од Едрене и веројатно немал никаква врска со земјата на антички Македон. Името Македон очигледно не било заборавено, иако неговото старо значење дефинитивно било исчезнато кон почетокот на средновековието.
31 Трудови за името Македон од овој период пректично и не постојат. За темата Македонија, повеќето современи научници се повикуваат на P.Lemerle: Philippes et la Macédoine orientale à l’époque chrétienne et Byzantine, Paris, 1945. Назад
Коментари
Целта на овој блог е да претставува место за плодна дискусија околу концептите нација и национализам. Важно е секој кој сака да учествува во дијалогот да го искаже своето лично мислење следејќи ги тематските категории формирани на блогот. Затоа, сите коментари кои не одговараат на категориите или пак се со навредлива содржина не се соодветни за целите на овој блог. Поради интернационалниот карактер на проектот, ве молиме да вклучите англиски превод на вашите коментари, доколку истото е возможно. Може да испраќате текстови во форма на коментари во овој модул.