2.2 Римска Македонија, Македонија како административен термин и име на провинција

Римското освојување на антички Македон во 168-мата година п.н.е. ставило крај на династијата на Антигонидите и на постоењето на Македон како независен политички ентитет. По почетната, полуавтономна фаза, целата територија на антички Македон и голем дел од териториите на неговите сојузници во Грција биле споени во големата провинција Македонија со Тесалоника како главен град и седиште на римскиот гувернер. Иако бил основан од еден од потомците на Александар, Касандар, градот станал значаен дури по римското освојување. Типична римска империјалистичка политика било да се пресече секоја врска со претходните, независни политички традиции на освоените. Од времето на римското освојување, старата престолнина Пела полека почнала да опаѓа и паѓа во заборав. Тесалоника и Термајскиот Залив ќе станат новиот центар на провинцијата. Во првиот век п.н.е., по крвавите граѓански војни, на голем број римски легионери им била дадена земја во оваа област. Меѓу доселениците станала позната под името Кампанија, како истоимениот регион во Јужна Италија. До времето на Август и неговите наследници, оваа голема провинција била само база за понатамошно територијално ширење на исток и, подоцна, на север кон Дунав. Откако римската моќ била цврсто утврдена на територијата на Мала Азија и Балканскиот Полуостров, две нови провинции биле скроени од пространата провинцијална територија на римски Македон. На југ, била создадена провинцијата Ахаја што ја вклучувала територијата на старите хеленски градови-држави, а на запад била создадена провинцијата Епир во која влегле поранешните кралства Епир и Илирија. Во времето на Клаудиј, Тракија исто така била засебна провинција. Така, кон крајот на првиот век п.н.е., границите на римската провинција Македонија приближно ги следеле границите воспоставени три века порано од страна на последните македонски кралеви. Иако, општо земено, се претпоставувало дека ќе пропаднат по ерата на Филип II и Александар Велики, а особено по римските освојувања, многу од старите, пред-римски градови опстојале. Единствената римска колонија во провинцијата Македонија била Филипи, факт што јасно покажува дека земјата сè уште била густо населена и урбанизирана.

Провинцијата Македонија веројатно била еден од најмирните делови на Римската Империја за време на зенитот на римското владеење, помеѓу првиот и доцниот трет век од н.е. Провинцијата се спомнува многу ретко во тогашните историски извори. Ова ќе се промени по големата политичка и економска криза што ја протресла Империјата до темел во третиот век. Под императорите Диоклецијан и Константин, многу од балканските провинции биле реорганизирани, вообичаено поделени во помали административни единици полесни за управување. Интересно е што провинцијалните граници на Македонија останале непроменети. За време на периодот на Доцната Антика, провинцијата била поделена на две помали провинции и потоа повторно обединета во неколку наврати, но надворешните граници не се промениле. Во историските документи од 4-иот век од н.е. се сретнува провинција наречена Македонија Секунда со муникипиумот Стоби како главен град. Историчарите знаат многу малку за нејзиното протегање и границата со Македонија Прима. Во подоцнежни извори од 5-тиот и 6-иот век од н.е., исто така се среќаваме со Македонија Салутарис, но историчарите не се уверени дека ова била истата провинција со Македонија Секунда, ниту пак се сигурни за нејзината точна локација и протегање. Судејќи од фактот дека нејзин главен град бил Стоби, што се наоѓа на устието на Вардар и Црна (Еригон од Антиката), се претпоставува дека оваа провинција во голема мера се совпаѓала со територијата на старото Пеонско Кралство, а не со Горна Македонија, која останала во границите на Македонија Прима.

До Доцниот римски период, населението на Македонија било целосно романизирано. Само името на провинцијата останало да го носи споменот на античкото кралство Македон. Народот ги користел грчкиот и латинскиот како пишани јазици и во историските извори биле познати како Римјани или Ромејци. Ова е очигледно во историските извори од петтиот и шестиот век, за време на периодот на големите инвазии на германските, словенските, хунските и татарските племиња. Тука, освојувачите се секогаш одвоени од локалното население кое е наречено едноставно Римјани.

 

Назад кон поднасловите

Почеток на страната

 

Permanent link to this article: https://ajde.espivblogs.net/2012/10/07/2-2-roman-macedonia-macedonia-as-an-administrative-term-and-a-name-of-a-province/?lang=mk

Напишете коментар

Your email address will not be published.