2.1 Античка, пред-римска Македонија, име на кралство и на класа

Името Македонија во античките историски извори за прв пат се појавува во првата половина на 5-тиот век п.н.е. и во списите на Херодот28. Во ова време, Македонија веќе била познато кралство и важен фактор во регионалната политика. Иако Херодот само накратко го споменува и не кажува ништо за територијалното простирање на кралството на Александар I,се претпоставува дека до времето на Грчко-Персиските војни било втемелено во планинските региони на денешна северо-западна Грција, познато за подоцнежните географи под името Горна Македонија. Стожерот на ова античко кралство била реката Халијакмон односно Бистрица и нејзините притоки. Во ова време, Македонското Кралство веќе покажувало отворени територијални претензии кон плодните земјишта околу Термајскиот Залив и долж реката Аксиос односно Вардар. Овие области биле населени со голем број различни племиња што биле или асимилирани или едноставно избркани од нивната земја, како што бил случајот со многу старото племе на Ботијците. Од Тукидид знаеме дека до крајот на 5-тиот век п.н.е. македонскиот крал Пердика II бил зафатен со бранење на неговите северо-источни територии од Тракијците, во регионот по долното течение на Вардар, во јужните делови од она што денес е Република Македонија. Тој исто така бил активен во регионот околу Битола односно Манастир, последниот регион од Горна Македонија кој успеал да не се покори на хегемонијата на династијата на Аргеидите29. Зацврстувањето на власта на македонските кралеви во регионите по долното течение на Аксиос и Термајскиот Залив е очигледно од последователните историски настани. На самиот почеток на 4-иот век п.н.е., кралот Архелај ја основа неговата нова престолнина Пела по течението на мала притока на реката Аксиос.

Следната фаза во ширењето на Македонското Кралство почнува во раните години на владеењето на Филип II. Неговите агресивни воени кампањи ја внеле во рамки на границите на кралството земјата на крајно независните Линкести, околу денешни Лерин и Битола (Флорина и Манастир), средното и долното течение на Стримон и тој, конечно, ги покорил независните хеленски градови во крајбрежната област Халкидики. Интересно е што до ова време освоените земји станувале дел од антички Македон. Подоцнежните освојувања на Филип на територијата на хеленските градови-држави или земјата на тракиските племиња никогаш не биле сметани за дел од античка Македонија. Големите освојувања на Филип II и Александар III имале малку позитивни последици за старата територија на кралството. За Филип и Александар, срцето на античкото кралство било само отскочна даска, привременa лушпа што би била отфрлена веднаш штом би дошол моментот за светска доминација. Можеби единствената значајна, позитивна последица била грандиозната промоција на името Македон на светската историска сцена. Доколку кампањата на Александар во Азија завршела со неуспех, името Македон најверојатно ќе паднело во потполн заборав по неколку века.

По пропаѓањето на империјата на Александар и крајот на династијата на Аргеидите, Антигонидите, новите владетели на европскиот дел од Империјата, се нашле во радикално поинаква гео-политичка констелација. Не само средиштето на кралството туку и соседните региони и голем дел од хеленскиот свет биле многу осиромашени и напуштени до првите децении на 3-иот век п.н.е. Покрај тоа се појавил и моќен нов политички фактор на северниот Балкан; тоа биле Келтите, кои најмалку еднаш успеале дa навлезат и да го ограбат кралството за време на нивните патувања кон и назад од Делфи. Овие случувања предизвикале ново придвижување на населението од централните и северните делови на Балканскиот Полуостров кон напуштениот југ. Освен нивните битки со сојузите на хеленските градови-држави, Антигонидите биле принудени повеќе да внимаваат на нивните северни граници. Во времето на Филип и Александар, северно од античкиот Македон, на територијата на сегашна Република Македонија, постоел моќен племенски сојуз на Пеонците, антички народ познат од Илијадата. Овој племенски сојуз бил доволно моќен да дејствува како тампон-зона против варварските племиња на север, без да ја загрозува доминантната позиција на Македон. За време на 3-иот век п.н.е. овие луѓе станале минорен политички фактор и полека биле заменети со други племиња од централниот Балкан. Ситуацијата станала особено несигурна кон крајот на 3-иот век п.н.е., кога Рим се вмешал во регионот како смртен непријател на Македон. Преку обемна дипломатска активност, Римјаните успеале да ги свртат северните и западните соседи, Дарданците и Кралството Илирија, против Македон. Добро упатените историски извори од тоа време, особено Полибиј, многу ретко ја спомнуваат Пеонија, што сугерира дека овој стар племенски сојуз станал речиси сосема неважен како политички фактор. Сепак, продолжил да постои до 217-тата година п.н.е., кога Филип V конечно го освоил нивниот главен град Била Зора30 и ги приспоил пеонските територии. Ова е последното територијално ширење на антички Македон како независно кралство. Во рамките на кралството влегол голем дел од она што сега е Република Македонија, целото средно течение на Аксиос и земјата околу неговите западни и источни притоки. Антигонидите, особено последните два члена од кралската династија, Филип V и неговиот син Персеј, воделе и воени походи на Грција, Тракија и земјата на илирските кралеви, но овие биле само казнени експедиции или начин на наметнување политичка доминација.

Кон крајот на римското освојување на југот на Балканот, освен на север, границите на Македон малку се промениле од оние од времето на Филип II и Александар Велики. Кралството се протегало од планинскиот масив Пинд на запад до долината на реката Нестос на исток. Природна граница на југ било егејското крајбрежје и планината Олимп. Најпроменлива и најнејасна била северната граница, но најчесто се претпоставува дека се протегала низ средните теченија на Аксиос (Вардар), Стримон (Струма) и Нестос (Места). Овие реки течат низ низа тесни, непроодни кањони со што претставуваат природни, географски и климатски гранични зони. Како што може да се очекува, историските извори не биле толку добро информирани за внатрешноста на Балканскиот полуостров како што биле за хеленскиот свет, но ситуацијата во овој временски период била многу помалку јасна отколку во римско време и подоцна, кога политичките граници веќе биле вообичаен феномен.

Останува нејасно како името Македон почнало да го означува кралството под власт на династиите на Аргеидите и Антигонидите. Традиционално, историчарите и археолозите претпоставувале дека ова било етноним, иако не е возможно да се лоцира изворната територија на овие луѓе. По читањето за историјата и територијалното ширење на антички Македон, останува впечатокот дека голем дел од срцевината на кралството бил преземен од други племиња. Затоа, голема е веројатноста дека името отпрвин се однесувало на класа воини и благородници кои обединети и со крал на чело доминирале со земјата на север од егејското крајбрежје и го наметнале нивното име на првично многу различна, хетерогена територија.

 


 

28 F. Papazoglu, Les Villes Macedoniennes dans l’epoche Romain, 1988; многу информативен е томот редактиран од страна на J. Ројсман (Ј. Roisman) и Ј. Вортингтон (I. Worthington), A companion to ancient Macedonia, 2010; особено главата за доказите во литературата напишано од П.Ј. Роудс (P.J. Rhodes). Назад

29 Династијата на Аргеидите која владее  од 700 до 310 год. п.н.е. ги опфаќа кралевите на античките македонци  меѓу кои и Филип II и Александар III. Назад

30 Денешен Велес во Република Македонија. Назад

 

Назад кон поднасловите

Почеток на страната

 

Permanent link to this article: https://ajde.espivblogs.net/2012/10/07/2-1-ancient-pre-roman-macedonia-a-name-of-a-kingdom-and-a-caste/?lang=mk

Напишете коментар

Your email address will not be published.