1.3 Македонското прашање

Имајќи централна местоположба на Балканот, Македонија, со нејзините три вилаети Селаник, Манастир (Битола) и Ускуп (т.е. Скопје, именувано во 1877-тата како Косовски вилает) беше во центарот на спротиставените национализми. Македонија беше граничен регион, место каде се среќаваа и живееја, претежно во мир, многу различни јазични и религиски заедници. Македонскиот простор дијахрониски бил голема мешавина на луѓе и култури. По осојувањето од страна на Римјаните, Грците или хеленизираните локални населенија, Римјаните или латинизираните Грци, Илирите, Тракијците, Хуните, Готите и Визиготите, Словените, Албанците и Турците живееле заедно долги или кратки временски периоди, во мир или непријателство, под разни владетели20.

Во доцниот 19-ти и раниот 20-ти век, населението во регионот било сочинето од разни етнички групи кои се соединувале и преклопувале: Грци, Словени, Бугари, Турци, Евреи, Власи и Албанци, но исто така и неколку варијации, како муслимани кои говореле грчки, муслимани кои говореле влашки, албански Грци, Грци кои говореле словенски и многу други комбинации на горенаведените. Сето ова го сочинувало шареноликиот мозаик кој била Македонија. Муслиманите сочинувале можеби половина од населението (Турци, Албанци, Словени-муслимани и оние муслимани кои дошле од Русија и од „изгубените“ делови на Балканот). Тешкотијата да се направи разлика меѓу етничките жители се доближува до прагот на параноја кога неологизми и јазични акробации како „луѓе што се чувствуваат Грци“, „луѓе што се чувствуваат Бугари“ или „Словено-Македонци“, „луѓе што се чувствуваат Романци“ и слично едноставно се обидуваат до ја покријат со научен смоквин лист националната збунетост.

Кои биле всушност жителите на Македонија? Ова прашање не може да биде одговорено директно и ние не сакаме да дадеме одговор на него, бидејќи е едноставно невозожно да се дефинира националната свест на тогашното население користејќи ги денешните алатки и критериуми. Јазик? Религија? Образование? Култура? Локална музика? Локални танци? Локални обичаи од секојдневието? „Шегите“? „Крвните тестови“? Што може да го одреди националниот идентитет на личност која живеела пред 150 години? На личност која живеела во мултикултурна и мулти-религиозна средина, каде во нејзината секојдневна рутина користела зборови и фрази од повеќе од три јазика21? Како можеме да претопиме цело население и да му закачиме национална етикета?

Национализмот секако го може тоа. За креаторите на националната политика во Грција, Бугарија и Србија прашањето на националната свест било едноставно. Сите православни патријархални луѓе според Грција биле Грци. Сите луѓе кои говореле словенски дијалект биле Бугари според Бугарија или Срби според Србија. Колку од оние кои биле православни и го користеле грчкиот како втор јазик (професионално или за трговски цели) или го користеле грчкото писмо за да пишуваат бугарски, турски или албански се сметале себеси за Грци?

Јазик, религија, култура: ниту еден од овие три елементи не може да ја монополизира националната свест. Напротив, овие елементи може да се најдат во разни комбинации меѓу локалното население. Мешавината на јазик, религија и култура давала извонредни комбинации на етнолошки карактеристики. Присвојувањето на одреден идентитет зависело од времето, местото, образованието, семејни врски, личните односи и пропагандата на соседните држави. Идентитетот не бил прашање на критериуми, туку прашање на избор. Избор кој не секогаш бил резултат на слободна волја, ами почесто на принуда. Дури и кога изборот бил направен по слободна волја, националната припадност се бирала според политички и економски интереси. Така можело да има семејство со татко Македонец, син Грк и внук Бугарин или Романец!

Во оваа повеќејазична и космополитска атмосфера, која била вообичаена за Балканот, каде градовите биле мешавина од разни религиозни и етнички групи, доктрината на национализмот почнала да зема замав. Ова се проблемите со кои се соочувале таквите региони: прогонувања, раселувања, насилни процедури на хомогенизација, убиства и етничко чистење се алатките што ги користеле насилните национализми во нивните обиди да исчистат цели села или области од странските елементи. Локалните националисти правеле сè во нивна моќ за да ги етикетираат луѓето. Селата ја менувале својата национална припадност под закана од непријателски наоружани банди22. Националистичко-империјалистичките политики на трите балкански ривали биле во склад со оваа состојба23. „Сан-Стефанска Бугарија“, „Голема Србија“ и „Грција на два континенти и пет мориња24 “ ќе се соочат во безмилосен масакр кој вешто ќе биде именуван „Македонската борба“.

Грција, Бугарија и Србија се бореле за колку што е можно повеќе од османлиските територии на Балканот, иако одвреме-навреме полажувале поддршка за идејата за македонско единство. Војната со зборови со тек на време прераснала во борба на разбојнички банди. Одговорот на овие надворешни притисоци било македонското движење за автономија кое почнало да ги поддржува напорите за македонска еманципација. Оваа иницијатива почнала од младите интелектуалци од буржоазијата кои биле инспирирани од бугарската и српската национална борба. Ставајќи го акцентот на општествената еднаквост, со тек на време успеале да ги придобијат земјоделците кои се спротиставувале на злоупотребата од страна на големите земјопоседници и властите, но и на вкрстениот оган на националистите.

Мешаните националистички, општествени и политички мотиви ги повеле масите во не толку добро организирано востание кое се кренало на 2 август 1903-тата година (Илинденското востание). Наскоро, поголемиот дел од вилаетот Манастир бил под контрола на востаниците. Жителите на градовите не се придружиле кон востанието, владата во Софија не била подготвена да интервенира, европските сили не сакале да се мешаат и востанието било крваво задушено. Незадоволни со ставот на бугарската влада, многу македонски активисти биле ослободени од нивните должности кон Бугарија, поддржувајќи ја борбата за слободна Македонија, која не би била предмет на натпревар меѓу соседните држави и би претставувала почеток на балканска федерација. Такви биле очекувањата на левото крило на ВМРО25, кое се еманципирало од бугарската иредентистичка пропаганда и поставило барање за македонска нација. Според нив, Македонците биле засебен народ, не биле ниту Бугари, ниту Срби, ниту Грци. Еволуција на десното крило на ВМРО, во периодот меѓу двете светски војни, во чисто националистичка и про-фашистичка организација, покажува дека без оглед на корените (во овој случај општествени) од кои започнува една национална организација за ослободување, резултатот е потполно ист.

Борбата на ВМРО претставува почеток на македонскиот национализам. Во 1944-тата, била создадена македонската држава како дел од Југословенската федерација. Македонските националисти не ги оствариле во целост нивните аспирации за државност сè до 1991-вата, годината на прогласување на независноста на Република Македонија. Од тогаш (1944), а особени во последните две децении (по 1991-вата година), Македонскиот национализам, како и секој друг национализам, создава своја сопствена национална нарација. Оваа нарација е полна анахронизми, потиснувања, одвојувања од историските настани и митови кои го градат националниот идентитет26. Дебатата околу употребата на името Македонија е најјасен пример за манипулација на историските факти за оправдување на националистичките концепти.

 


 

20 Според новинарот Х.Н. Брејлсфорд, кој ја посетил Македонија во раниот 20-ти век, вековите во Македонија не следеле еден по друг, туку „живееле заедно“. Назад

21 Работниците на пристаништата на османлискиот Селаник (Солун) најчесто говореле шест или седум јазика (Mazower, 2004). Солун, овој космополитски град, според госпоѓиците Muir и Irby Mackenzie во 1863-тата година бил „чуден пример на град историски грчки, политички турски, географски бугарски и етнички еврејски“ (Pavlowitch, 2000). Назад

22 Османлиските власти во 1907-мата процениле дела се активни 228 такви банди: 110 бугарски, 80 грчки, 30 српски и 8 влашки (Pavlowitch, 2000). Назад

23 Дури и романската влада била заинтересирана за оваа борба кога го открила постоењето на население од сопствената нација, кое живеело во планинските премини во регионот – Власите. Назад

24 Треба да се забележи дека грчката буржоазија влијаела на содржината на „Големата идеја“ со идејата за создавање на моќна грчка држава околу Егејското Море наместо повторно раѓање на Византиската Имерија. Назад

25 Во 1893-тата, активистите кои се залагале за автономија во Солун ја формирале Македонската револуционерна организација, која се заложувала за единствена независна „Македонија за Македонците“ но исто така имала и врски со Софија. Кога две години подоцна македонските емигранти во Бугарија го основале Врховниот Комитет, не согласувајќи се со ставовите на организацијата со седиште во Солун, групата го вметнала зборот „внатрешна“ во нејзиното име и со тоа станала ВМРО (Внатрешна македонска револуционерна организација). Назад

26  Исто како што се случило и во случаите на Грција, Србија и Бугарија. Назад

 

Назад кон поднасловите

Почеток на страната

 

Permanent link to this article: https://ajde.espivblogs.net/2012/10/07/1-3-the-macedonian-question/?lang=mk

Напишете коментар

Your email address will not be published.