„Нациите“ и националните идентитети не се само-постоечки или вечни ентитети, туку напротив претставуваат феномени кои еволуираат низ историјата, а се појавиле во одредени историски контексти. Тие, со текот на времето, биле подложени на процеси на континуитет и дисконтинуитет; еволуираат низ последователни процеси на конструкција, деконструкција и реконструкција. Разните национализми најчесто користеле веќе постоечки карактеристики (како јазикот) и симболи на кои тие им додавале нови значења комбинирани со нови елементи. На крајот, успеале да ги инкорпорираат сите нив во нови поимни и идеолошки рамки. Според ова, нациите се „замислени заедници“13.
Нашата цел не е да дефинираме дали државата ја произведува нацијата или обратно, бидејќи за нас „нацијата“ не може да биде дефинирана а приори туку само да биде препознаена а постериори. Од 18-тиот век па натаму, концептите за држава и нација се толку поврзани што успехот на првата зависи од успехот на втората и обратно. Од една страна, државната интеграција и вклучувањето во една држава со „исто население“ претставува крајна цел на нацијата. Од друга страна, националистичката идеологија ѝ служи на државата како главно средство за територијално, економско, политичко и културно обединување на нејзиното население.
Секако, горенаведеното не се одвива во „лабораториски услови“ туку во рамките на капитализмот. Нацијата тежнее да ги ублажи и маскира судирите меѓу класите и да допринесе кон ширењето на капиталистичката доминација. Тоа е поврзано со функцијата на зачувување на структурите на моќ во класно структурираното општество. Националниот интерес покажува начин на политичко дејствување кој наместо постоечката експлоатација налага „недефиниран“ заеднички интерес – националниот интерес – кој е претставен како помоќен од кој било класен или интернационален интерес. Во меѓувреме националната држава регулира одредени потреби на пазарот, почнувајќи од воспоставување на единечна мерка за тежина па до правилата на трговскиот закон. Национализмот не е крут и единствен феномен кој се појавува со специфична структура и карактеристики кај разни населенија и на разни места. Постојат многу национализми, но сите се соединуваат во следната цел: прво, хомогенизација на територијално или недефинирано население заедно со прикривање на локалните, класните, религиските или другите културни разлики; второ, разликување на ова население од друго кое е исклучено, без разлика дали ова друго население живее во или вон државните граници. За национализмот, нацијата претставува неопходен елемент кој обезбедува внатрешна општествена кохезија истовремено истакнувајќи ги сите елементи кои ја разликуваат едната нација од другата. Сите елементи кои ги прават нациите нееднакви се елементите кои конечно го легитимизираат барањето за неограничено наметнување на националниот интерес. Според тоа, национализмот произведува противречност што може најдобро да се опише со потребата за внатрешно единство и истовремено барање на надворешно разликување.
Национализмот и наводниот „национален интерес“ создаваат идентитет кој е повеќе од локален, класен или културен идентитет и овој идентитет е секогаш спротиставен на нешто „друго“. Ова „друго“, во кое не спаѓаме „ние“, го образува моторот кој го носи значењето на нацијата од сферата на фантазијата во сферата на реалноста. Елементот кој, на пример, ги прави Грците – Грци, не е замислено семејство (семејство Грци со своите вечни карактеристики), туку вистинското постоење на Турци, Бугари, „Скопјани“ и Албанци. Ние сме „ние“, едноставно зашто не сме „другите“. Парадоксот на национализмот е во тоа што, со моделирање на нацијата, автоматски се создава национализам како противтежа или кај оние надвор од територијата, кои се гледаат како потенцијален непријател, или кај оние внатре, кои се принудени да избираат меѓу асимилација или инфериорност. На кратко, ги создава „другите“.
Нацијата, каква што ја знаеме денес, има свој датум на раѓање. Таа се јавува за време на американската и француската револуција и претставува средство за легитимизација на моќта на тогашната буржоазија во зародиш. Се разбира, движењето на народниот револт против странската превласт во периодот од француската револуција до 1848-тата година не треба да се помеша со модерните националистички движења. Првите луѓе на Балканот кои се побунија во раниот 19-ти век, Србите, не се бореа против турската превласт, туку во полза на Султанот и против злоупотребата од страна на локалните кметови. Како и да е, во грчкиот случај, борбата на селското население, земјоделците и бандитите против која било превласт, беше помешана со идеите за буржоаски национализам и Француската револуција.
Така, првиот модерен национализам што се разви на Балканот е грчкиот. Ова има смисла бидејќи модерниот национализам на Балканот доаѓа од дијаспората и Европа, каде веќе постојат грчки зеадници. Телата на новите идеи претежно се интелектуалци и трговци од заедниците во Западна Европа и Русија. Она што ние го нарекуваме национализам не ја засега пошироката маса од населението14, туку само образованите граѓани на балканскиот простор15. Сепак, парадоксалниот ефект беше да се ограничи процесот на хеленизација (што значи да се стане дел од грчката култура) во самата грчка територија и така да се создаде или да се зајакне национализмот на другите балкански народи. Сè додека да се биде Грк беше речиси неопходна професионална квалификација, хеленизацијата напредуваше. Она што некогаш означуваше политичка подршка на Грција почна да опаѓа дури и меѓу писмените класи на Балканот. Во оваа смисла, грчката независност беше главен услов за развојот на национализмот кај другите балкански народи.
Појавата на бугарскиот национализам историски го потврдува претходно споменатиот пристап. Периодот на бугарската преродба не случајно почнува за време на 1830-тите години. Она што треба да се додаде во случајот на бугарската еманципација се залагањата за хеленизација на населението од страна на православното христијанско свештенство. Чорбаџиите (локални видни луѓе) ги хеленизирале нивните имиња и одржувале филхеленско однесување. Грчките трговци, заедно со хеленизираните локални трговци контролирале поголем дел од економскиот живот. Ова всушност претставува грчки економски и културен „империјализам“. Грчкото свештенство ја надополнува економската и културна експлоатација и истовремено ги монополизира повисоките црковни звања и наметнува даноци за свој интерес. Националистичката реакција е одговор на оваа ситуација. Се разбира, најактивни за време на овој период на национализам биле оние кои имале најголема корист од неговиот исход, класата на трговци и занаетчии, главно оние преселени во странство, како во случаите со Србија и Грција. Бугарската еманципација е поттикната од градовите, а не од селата. Тука ќе се појави новата елита (која се развива од еснафите16), а овие елити ќе играат на националистичката карта за време на следната декада. Но, развивањето на националната свест кај останатиот дел од населението е задача на државата.
Новата балканска држава која ќе се појави во 19-тиот век, ќе биде онаа која ќе го развие концептот за национален идентитет. Во секој случај, овој идентитет ќе биде политичка творба, стратегија со одредeни цели кои се основаат на колективната меморија и колективниот заборав. Поради тоа што балканските национални држави се појавија од неодамна и историчарите и политичарите се обидоа да го засилат нивниот легитимитет поврзувајќи ги со други веќе постоечки средновековни и антички држави. Романтичниот историцизам ќе го образува јадрото околу кое ќе се организира политичкиот шаблон на балканските држави. Повторното раѓање на Византиската Империја (за Грција), империјата на Симон (за Бугарија) и империјата на Душан (за Србија) ја сочинува неговата суштина. Постоењето на балканските средновековни империи обезбеди историски корени за новите држави и аргументи за национализмот. На овој начин, аргументот за „предност“ (т.е. „ние бевме првите кои…“) стана оружјето на идеолошкиот антагонизам. Кога веќе беа создадени грчката, српската и бугарската национална-држава, дојде времемсекоја од нив да ја воспостави својата нација. Средствата употребувани за оваа цел беа јазикот, јавното образование, вработувањето во јавниот сектор, уметноста, националните прослави и годишнини, воената служба, индустријализацијата, националната црква. Духот на национализмот преовладуваше во секој домен од секојдневниот живот.
Одлучувачки чекор во развојот на нацијата беше направен кога за прв пат беа објавени училишни учебници или весници на националниот јазик и кога овој јазик за прв пат беше употребен како официјално средство за комуникација. По 1830-тите, ова се случува во поголемиот дел од Европа и Балканот. Ова е предизвикано од зголемениот број на образовани луѓе во малите елити и буржоазијата. Наспроти тоа, потрадиционалните и посиромашните слоеви, кои го претставуваат мнозинството од населението, беа последните кои ја прифатија националистичката идеологија. За овие слоеви да се асимилираат во суштината на нацијата, националниот јазик мораше да се воспостави како јазик на трансакции и да се изучува преку задолжително образование. Сепак, овој лингвистички национализам беше дело на луѓе кои умееја да читаат и пишуваат, а не на луѓе кои беа ограничени единствено на неговото устно користење. Националните јазици во кои тие го пронајдоа суштинскиот карактер на нивните нации беа конструкции, бидејќи требаше да бидат збогатувани, да се стандардизираат за потребите на современата литература, преку мешавина на регионални наречја кои не беа литературен јазик во нивната устмена форма17. Згора на тоа, потребата од капиталистички развој наложуваше потреба од образована и обучена работна сила, што можеше да биде обезбедена само преку систем на јавно образование. Покрај судовите и бирократијата, образованието стана еден од столбовите кои го промовираа јазикот како основен услов за националност. Дополнително, општествениот напредок, од една до друга класа, бараше најмалку промена на јазикот.
Прашањето на националниот јазик се поврзува, но не секогаш, со територија и политички институции. За време на овој период, населенијата сè уште се поврзани со земјата, која се нарекува „татковина“. Национализмот и државата ги усвоија асоцијациите за фамилијарни врски, соседи и „татковина“ и ги применија на територии и населенија од таква големина и обем, што овие зборови беа преобразени во метафори. Заедниците во кои беа вклучени луѓето (на пр. задругите) со време почнаа да опаѓаат, луѓето осетија потреба нив да ги заменат со нешто друго, а замислената заедница на нацијата можеше да ја пополни оваа празнина. Покрај тоа, од средината на 19-тиот век па наваму, авторитетите веќе не можеа да се потпираат на спонтаната приврзаност на општествените класи кон општествените старешини на традиционалниот начин, како за време на османлиското владеење, ниту на црквата како делотворна гаранција за општествена послушност. Нацијата беше новата религија на граѓаните18. Не е случајно што во 1844-тата година во Грција, се појавува формулацијата на „Големата идеја“ од Јоанис Колетис, а во Србија истата година, „Програма“ (Нацртаније) од Илија Гарашанин. Оската на внатрешната и надворешната политика во двете земји во следните седумдесет години е иредентизмот.
Кон средината на 19-тиот век, средната класа и пониската средна класа се носечките столбови на национализмот, обете претставувани од интелектуалци. За овие слоеви, национализмот имал поширока и помалку инструментална привлечност. Им нудел колективен идентитет како вистински бранители на нацијата. Патриотизмот служел како дополнување на општествената инфериорност. Од средината на 19-тиот век па натаму, модерноста на сè понапредниот капитализам, урбанизацијата, потребите на пазарот и индустриската организација на производството се судираат со старата организација на општествениот живот и економијата. Национализмот на средните класи се соочува со сомнежот на пониските класи кон „другиот“, кон „странецот“, кој го симболизирал новиот начин на организирање на животот. Постепено, ксенофобните тенденции се прошириле од средните слоеви на земјоделците, бидејќи „странецот“ почнал да биде поистоветуван со губењето на стариот начин на живот и со новата капиталистичка реалност. Така, национализмот навлегол во целото општество и претставувал обединувачки елемент на инаку класно поделеното население.
Сè на сè, не треба да се заборави дека преку создавањето на нацијата, на симбол и правен ентитет наречен Грција, Србија и Бугарија, соодветните елити биле во можност да ги зголемат нивните земјопоседништво и политичка моќ со едногласна поддршка од страна на населението19. Рецептот ни е, секако, познат: политичарите од повисоката класа ги мобилизираат пониските класи за да ги одбранат или прошират сопствените интереси. Македонската борба, која следи, била само врвот на империјалистичкиот натпревар меѓу овие класи, кој бил успешно прикриен под плаштот на националното ослободување и националната самоопределба.
13 B. Anderson: “Imagined Communities: Reflections on the origin and spread of nationalism”, 1983. Назад
14 За масите, единствениот критериум за разликување била религијата. Покрај тоа, поголемиот дел од руралното население почнало да се дефинира себеси во национални рамки дури кон средината на 19-тиот век под влијание на задолжителните основно образование и воена служба, како и под влијание на поновите средства за комуникација. Назад
15 Тие не надминувале 2% од населението и поголемиот дел од овие 2% непријателски реагирале на идеите на Западот «без почит», претпочитајќи да останат во рамки на традиционалната идеолошка структура на Византија (Daikin, 1973). Во секој случај, балканската национална еманципација добила облик на конфликт меѓу модернизацијата и традицијата, помеѓу европската и византиско-османлиската локална култура. Назад
16 Првите капиталистички елементи се претставени во рамките на овие еснафи. Назад
17 Не е случајно што токму на крајот на 19-тиот век јазикот се појавува како „доказ“ за националниот идентитет. Назад
18 Општо земено, старите империи ја поддржувале легализацијата на династиската лојалност повеќе отколку „националниот“ идентитет, но сега во буржоаските држави „сувереноста“ се поврзувала со нејасниот концепт за „народот“, кој е препознаен од страна на нацијата. Назад
19 Истиот шаблон може да се примени и во случајот на Република Македонија. Назад
Коментари
Целта на овој блог е да претставува место за плодна дискусија околу концептите нација и национализам. Важно е секој кој сака да учествува во дијалогот да го искаже своето лично мислење следејќи ги тематските категории формирани на блогот. Затоа, сите коментари кои не одговараат на категориите или пак се со навредлива содржина не се соодветни за целите на овој блог. Поради интернационалниот карактер на проектот, ве молиме да вклучите англиски превод на вашите коментари, доколку истото е возможно. Може да испраќате текстови во форма на коментари во овој модул.